Нов собир на групата „Правда за Давид“ во Бања Лука

Групата од Бања Лука „Правда за Давид“ и вечерва се собра пред Соборниот храм во градот, каде што запалија свеќи за убиеното момче Давид Драгичевиќ.

Мајката на младиот студент кој беше убиен во март минатата година, Сузана Радановиќ, рече дека се надева оти полицијата и обвинителството ќе работат поажурно на пронаоѓање на убијците на нејзиниот син. А со таков повик повеќе од девет месеци се и граѓаните кои секојдневно се собираат на улиците.

Таа рече дека ова утро полицајците за време на нејзиното сослушување биле поажурни и конкретни, но дека од истрагата за убиството на нејзиното дете сè уште немало ништо.

„Тие се обидуваат фокусот да го стават на други теми, на некој државен удар, што е смешно, бидејќи невооружени луѓе се шетаат по улиците, а државен удар беше моментот кога полицијата почна да ги брка, тепа и апси тие луѓе. Јас како мајка имам само едно барање и желба за службениците, обвинителите, претседатели, премиери, колку и да се на број, да се најде убиецот на моето дете, случајот да биде решен, и сите овие луѓе да најдат мир, да се запре оваа агонија”, рече Радановиќ.

Таа исто така нагласи дека веднаш штом влегла во полициската станица, ја прашале каде е Давор, нејзиниот соруг кого полицијата го бара веќе неколку дена, а не може да го најде. По однос на тоа прашање таа иронично рече дека од „доверливи извори” дознала дека Давор денеска во 17 часот пиел чај со кралицата Елизабета и дека принцот Чарлс му објаснил како се прави државен удар.

Треба да знаете
Последни објави