Search

Познато е кој сака да биде помилуван, непознато кој ќе даде амин за амнестијата

Познато е кој сака да биде помилуван, непознато кој ќе даде амин за амнестијата. Додека се чека претседателот на Кривичен, Иван Џолев да пресече дали тој или судијката Добрила Кацарска да одлучува за амнестијата петмина обвинети за настаните од 27 април не бараат помилување.

Митко Чавков, началникот Душко Лазаров, Игор Дурловски, Игор Југ и Јане Ченто не поднеле барање за амнестија. Останатите 28 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок доставиле барање за амнестија, меѓу нив и Богдан Илиевски-Бетмен.

Иако е еден од организатроите на протестите „За заедничка Македонија“, тој смета дека ги исполнува условите да биде помилуван, иако обвинителката Вилма Рускоска лично посочи дека организаторите не треба да бидат амнестирани.

„Организаторите на насилството, како што јас го сфатив законот и понатаму не би сакал да ја коментирам обвинителката. Она сама си зборува за себе и за тоа како она размислува, така да тоа е нејзина работа, судот ќе одлучи, изјави Бетмен.

Адвокатот на Чавков, Сашко Дуковски посочи дека неговиот клиент не побарал амнестија бидејќи екс-директорот на Бирото за јавна безбедност веќе се изјаснил дека е невин.

-Овој закон е наменски направен за една категорија на обвинети и ја постигна својата политичка цел. Ние во таков циркус нема да учествуваме, рече адвокатот Дуковски.

И бранителот на Лазаров, не побрал милост, адвокат Душко Јанковиќ потврди дека неговиот клиент не барал амнестија бидејќи не чувствувал вина. Тој потенцираше дека законот за амнестија наместо помирување, создал дополнителен раздор помеѓу обвинетите. Смета дека конечната одлука кој ќе биде амнестиран не треба да ја носи судијката Добрила Кацарска, туку Кривичниот совет во судот.

Сега за секое поединечно барање обвинителството треба да даде мислење, кое сепак, не е обврзувачко за судот. Според законот, селективната амнестија нема да важи за организаторите, за лицата кои извршиле насилство и за оние кои носеле маски, ниту за службениците кои ги надминале своите овластувања.

Судијката Добрила Кацарска на денешното рочиште за крвавиот четврток изјави дека завршните зборови на обвинителството и обвинетите во случајот ќе бидат изнесени на 15 јануари идната година.

Треба да знаете
Последни објави