Search

СДСМ: Македонија е надвор од ЕУ само поради ВМРО-ДПМНЕ

Македонија е надвор од ЕУ само заради ВМРО-ДПМНЕ, обвинија денеска преку соопштение од владејачката партија СДСМ.

„Цели 11 години ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски со своите погубни криминални политики ја оддалечува државата од евроинтеграциите, од Македонија направија заробена држава. Денес ВМРО-ДПМНЕ предводено од неспособниот Христијан Мицкоски работи спротивно на интересите на граѓаните и го кочи процесот за полноправно членство во ЕУ.

Антизападото ВМРО-ДПМНЕ од ракав вади бројки и крајно неодговорно шпекулира за воведените заштитни мерки за ограничен пристап на европскиот пазар за производите од челик и железо во ЕУ. Заштитните мерки за ограничен пристап на европскиот пазар за производите од челик и железо, кои ги воведува Европската унија се однесуваат за таканаречените трети земји“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата додаваат дека Владата е во постојана мисија да обезбеди изземање на Република Македонија од статусот „трета земја“, со што ќе се овозможи слободен и неограничен пристап на европскиот пазар на производители на челик и железо.

„Ресорните министри исто така се во постојан контакт со домашните производители за да се обезбеди непречена комуникација која ќе ги заштити производителите и нивните вработени.

Владата ќе се бори за целосно изземање на Македонија од овие мерки, а ќе очекува доколку бидат воведени, националните квоти за Македонија да бидат значително повисоки од привремените кои во моментов се во примена.

Како земја кандидат од 2005 година, но и земја која веќе има потпишано Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година, Македонија не претставува целосно „трета земја“ за Европската Унија, туку напротив, претставува земја идна членка на Унијата, со која има длабоки политички и економски релации“, велат од партијата.

Треба да знаете
Последни објави