Search

Полицијата уште трага по напаѓачот врз Беља, Ганиу без коментар за инцидентот

Полицијата трага по пиштолџијата кој вчера пукаше во економскиот директор на Клиниката за Гинекологија, Ваљон Беља кој е ранет во ногата. Според неофицијални информации, причина за инцидентот била расправија меѓу Беља и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Од Ганиу, засега нема коментар на овие шпекулации, а не се јавуваше ниту на мобилниот телефон.

Беља наводно барал од градоначалникот да му бидат исплатени плати од Општината каде работел пред да замина на новата функција, каде е неколку месеци. Ганиу очигледно не сакал да се сретне со Беља па ги испратил Е.Х., Е.А. и Р.Н. и пиштолџијата, кој засега е непознат за јавноста.

Беља околу 17.30 часот дошол на улицата Лазо Трповски, на паркингот во близина на маркетот „Принц“ каде што живее Ганиу. Според изјави на очевидци, на пукањето му претходела расправија меѓу Беља и непознатото лице. Во еден момент Беља почнал да му се заканува и со висок тон да му се обраќа на непознатиот, по што овој извадил пиштол и го погодил во ногата.

Напаѓачот веднаш избегал, а минувачи го однеле Беља со автомобил во болница.

Беља беше член на невладината организација Реалитети, а во 2010 стана лидер на партијата Албански сојуз. Подоцна оваа партија се спои со ДПА на Мендух Тачи, каде Беља беше потпретседател. Откако се повлече од ДПА Беља беше претепан во скопско Кондово од група непознати напаѓачи, по што заврши на Ургентниот центар.

По преминувањето во ДУИ, Беља кој беше вработен во Општина Чаир, во јуни 2016 во канцеларијата на градоначалникот Изет Меџити од истата партија остави куршум завиткан во салфетка. По тој инциден бил приведен во полиција и пуштен, а тврдел дека некој го мести. МВР му поднела пријава за загрозување на безбедноста, а за тој случај уште нема завршница.

Треба да знаете
Последни објави