Search

Татковците на општините за Нова година домаќински по дома

Десетина дена пред дочекот на Нова година ги прашавме градоначалниците каде планираат да ја поминат најлудата ноќ.  Најголем дел од нив за24 инфо велат дека неработните денови ќе ги искористат за одмор и дружба со семејствата. Објаснуваат дека во текот на година со нив поминуваат само малку од времето кое останува поради обврските со работните места. Затоа празниците се добредојдени за дружба со сопругите и децата.  

Валентина Ангеловска

Таткото на градот Петре Шилегов вели дека за најлудата ноќ ќе ја помине со семејството и пријателите на плоштад. За Бадник секако останува дома, семејно со сопругата и децата.

– Новогодишната ноќ ќе ја поминам со најблиските пријатели и семејството секако. Останувам во градов. Бадник и Божиќ се резервирани за дружба со најблиските- вели Шилегов.

Велимир Смилевски, градоначалникот на Бутел вели дека празниците се резервирани за семејството.

-За дочекот на Нова Година остануваме дома со сопругата и секако децата.До Божиќ времето  планирам да им го посветам ним- вели Смилевски.

Златко Марин првиот човек на општина Аеродром вели дека за дочекот на новата година ќе биде дома.

– Со сопругата и двата сина една и осум години. На втори јануари веќе сум на работа. Дали потоа ќе одиме некаде на скијање ќе видиме- вели Марин.

Борче Георгиевски, градоначалникот на општина Гази Баба исто останува дома. Вели дека празниците ќе ги помине со семејството.

Дома останува и Александар Наумовски, градоначалникот на општина Ѓорче Петров. Вели дека најлудата ноќ ќе ја помине семејно и скромно со двете ќерки.

– Празниците се резервирани за ќерките кои се на возраст од 10 и 11 години и секако со сопругата. За Бадник сум дома традиционално. Секоја година за овој празник имаме посебен ритуал. Правиме таканаречено бадничко печиво наместо лепче. Тоа се кори со грав и ореви во кои се става паричката. Потоа се пие вино и масата не се собира до утрето ден со надеж дека и господ ќе  го проба тоа што сме го подготвиле- вели Наумовски.

Таткото на општина Ценар, Саша Богдановиќ вели дека годинава има многу планирани хуманитарни акции.

– За Нова Година останувам во Скопје. Вечерта ќе бидам на плоштад. На 30 и 31 декември имаме неколку хумаитарни акции во текот на денот. За Бадник и Божиќ традиционално сме дома- вели Богдановиќ.

Стефан Богоев, градоначалникот на Карпош засега нема локација.

-Знам со кого, со сопругата и пријателите, но немам локација засега. За Бадник семејно- вели Богоев.

 

Треба да знаете
Последни објави