Британската премиерка Тереза Меј вечерва се соочува со гласање од страна на нејзините сопартијци, за тоа дали да остане лидер на партијата или не. Според информациите, таа успеала да обезбеди поддршка од речиси 200 конзервативни пратеници на основа на нивните изјави во медиумите и на социјалните мрежи, пренесе Ројтерс.
Тоа би можело да биде доволно за победа на денешното гласање, кога Конзервативната партија ќе одлучува за неа како партиски лидер, додава агенцијата.
Во пресрет на гласањето, Меј им порача на пратениците од владеачката Конзервативна партија дека нема да распише вонредни избори пред следните избори, кои се закажани за 2022 година, пренесе Ројтерс, повикувајќи се на еден од пратениците кој присуствувал на состанокот, Алек Шелбрук.
Во изјава за медиумите, Шелбрук рекол дека премиерката Меј не планира да ја предводи Конзервативната партија на изборите во 2022 година.