Search

Илиоски до Димитров: Нема да сме повеќе Македонија, а вие цитирајте закони и устави

Меѓусебни обивнувања на власта и опозицијата и расправии за тоа кој создал поделби во македонското општество на денешната собраниска расправа за XXXIII нацрт-амандман на Уставот на Република Македонија, во согласност со Договорот од Преспа.

Пратеникот Зоран Илиоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, праша што ќе направи Владата доколку во Грција не биде прифатен Договорот од Преспа и дали повторно ќе се пристапи кон уставни измени, за што претходно премиерот, Зоран Заев во Собранието истакна дека уставните амандмани ќе бидат дел од Уставот само ако Грција ја изгласа спогодбата и го поддржи Протоколот за пристапување во НАТО.

Заев воедно ги повика пратениците да ги поддржат измените произлезени од преспанскиот договор и да ги следат интересите на граѓаните. Дека амандманите ќе влезат во сила доколку Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО бидат изласани во Грција повтори и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

„Амандманот влегува во сила со одлука за прогласување и во таа одлука се наведени условите кога влегуваат во сила. Текстот, горе каде што се наведени сите амандмани, е одлуката и не знам кој има корист од повторно, упорно, повторување на нешто што е очигледно“, изјави Димитров.

Тој оцени дека поранешната Влада имала многу лоша надворешна политика, пред се поради, како што кажа, поранешниот лидер на партијата, Груевски кој сега е бегалец од правдата во Унгарија.

-Од антиквизација, од клоцање, од другата страна немаше интерес да влезе сериозно во овој процес. Член 1 вели страните се согласија македонски јазик, член 7 вели Македонија од оваа страна, македонско…значи да престанеме да ги доведуваме граѓаните во заблуда, истакна Димитров.

Илиоски, пак, го потсети дека Димитров бил главен преговарач за името во еден период од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ потенцирајќи дека „не ѕидот, туку името на државата е во прашање”.

-Нема да сме повеќе Македонија, ќе бидеме Северна Македонија, а вие цитирајте закони, устави, еден факт ќе остане и ќе биде очигледен, а тоа е дека без поддршка од најмалку половина граѓани од оваа држава го менувате уставното име, и уште поголем факт ќе остане, потписник на тој договор сте вие“, му реплицираше Илиоски на Димитров.

 

Треба да знаете
Последни објави