Search

Општините ќе плаќаат казни ако немаат договор со шинтерска служба

Валентина Ангеловска

Општините ќе плаќаат дебели казни доколку немаат своја или пак договор со некоја друга шинтерска служба. Ваквата најава доаѓа од Агенцијата за храна и ветеринарство по се позачестените каснувања на луѓето од страна на уличните кучиња.

– Од пред три недели дадовме налози на нашите инспектори да ги посетат сите општини и да видат дали имаат свои служби „шинтерски служби“ или пак договор со некоја друга надвор од општината. Ако одговорот е негативен тогаш следуваат казни- вели директорот на Агенцијата Зоран Атанасов. Според него уличните кучиња се комунален проблем кој бара системско решение.

– Испратен е допис до сите општини кои имаат законска обврска за воспоставување на соодветен систем за контрола на популацијата бездомни кучиња. Од страна на официјалните ветеринари се вршат контроли дали локалните самоуправи имаат донесено план и програми за контрола на популацијата бездомни кучиња и во која фаза на реализација се во делот на изградба на прифатилишта за бездомни животни, како најсоодветен систем за контрола на популација на кучиња кој општините имаат законска обврска да го воспостават. Со контролите констатирани се неусогласености кај дел од општините. Даден е рок за нивно отстранување, по што доколку не се постапи по истите, согласно законските надлежности, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изрече и законски казни- стои во соопштението на Агенцијата.

Законот е јасен. Според него доколку се најде куче без сопственик на улица истото треба да се залови, да се однесе во престојувалиште, да се излекува ако е болно, да се кастрира и ако не се вдоми извесен период од петнаесетина дена повторно се враќа на местото од каде е заловено.

Но што ако ве касне куче? Како граѓанин може да барате отштета од ЈП „Комунална хигиена” и Градот Скопје. Доколку случајот дојде на суд, практиката покажува дека граѓанинот за претрпени физички болки може да добие отштета од 35.000 денари, за претрпен страв 30.000 денари, за претрпени душевни болки поради намалена животна активност износ од 20.000 денари и за нагрденост износ од 5.000 денари или вкупен износ од 90.000 денари.

Доколку граѓанин го тужи градот Скопје може да добие отштета од 60.000 до 180.000 денари.

Што се однесува  пак до кучињата кои имаат сопственици истите се должни да ги чипираат.

-Во моментов внесени во модулот за домашни миленици на Ветеринарно информтивниот систем има 21.809 микрочипови за домашни миленици. Обезбедени се вкупно 100.000 чипови и на тој начин ќе можат милениците да бидат регистрирани. Кампањата трае до крајот на март, односно додека има микрочипови.  Доколку милениците не се идентификувани можат да добијат казна која се движи од 50 до 75 евра- вели директорот на Агенцијата Зоран Атанасов.

Доколку ја искористат можноста да ги чипираат милениците во рамките на кампањата на АХВ, сопствениците ќе треба да платат само 120 денари за пасошот, а во спротивно чипирањето чини 800 денари. Чипирањето спроведува во 135 ветеринарни амбуланти низ земјава. Процедурата за чипирање е целосно безбедна и безболна за животните, а од друга страна е во интерес на сопственикот бидејќи кога и да биде заловено или изгубено ќе може полесно да се најде и да се врати.

Треба да знаете
Последни објави