Search

Ѓошевски: Толпата го бараше и Вељаноски, „каде е предавникот Трајко кој дозволи да се пее странска химна во Собранието“

Судењето за крвавиот четврток продолжи со сведочење на Горан Ѓошевски, шефот на обезбедувањето на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

Ѓошевски во своето сведочење додека го раскажуваше настанот од 27 април во Собранието изјави дека толпата во одреден период почнала да го бара Вељаноски велејќи дека е предавник бидејќи дозволил во Собранието на РМ да се пее химна на друга држава.

„Луѓето почнаа да го бараат и претседателот на Собранието. Велеа каде е предавникот Трајко кој дозволи да се пее химна на странска држава во Собранието. Имаше обиди да се влезе во кабинетот на Вељаноски, имаше физички напади врз мене, насилно сакаа да влезат“, сведочи Ѓошевски.

Ѓошевски вели дека додека траеле нападите размислувал дали тогашниот претседател на Собранието да го смести во блиндираната тајна соба со цел да не биде физички нападнат.

„Мојата последна инстанца за заштита на Вељаноски беше блиндираната соба која во интерес на идните претседатели не смеам да кажам каде се наоѓа“, вели Ѓошевски.

Шефот на обезбедувањето на Вељаноски исто така рече дека за време на упадот имал неколку неуспешни обиди да стапи во контакт со тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, но по одреден период успеал да го добие.

Треба да знаете
Последни објави