Шилегов: Фабриките имаат низок удел во загадувањето на Скопје

Индустриските капацитети во градов работат по утврдени европски стандарди и според сите студии истите имаат многу низок удел во загадувањето на воздухот. Вперувањето со прст во индустријата како главен причинител на загадувањето е дефокусирање од реалниот проблем кој во голем дел го загадува воздухот, а тоа се домаќинствата кои се греат на цврсти горива и неисчистените оџаци, истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Тој рече дека во Скопје има над 60.000 домаќинства кои се греат на ваков начин.

Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на форумот на тема „Главните градови соочени со проблемите поврзани со животната средина“, што се одржа во ЕУ Инфо-центарот во организација на Францускиот институт во Скопје. Форумот понуди можност за дискусија за проблемите и предизвиците со кои се соочува градот, а кои се однесуваат на загадувањето во зимскиот период, сообраќајот, ширењето на градот, потребата од подобрување на средствата за јавен превоз, напредокот во зголемувањето на зелените површини и слично.

Изминативе 12 месеци Градот посветено работи на подобрување на животната средина, а во најголем дел на намалување на загаденоста на воздухот, на водите и почвите, и на намалување на бучавата. Како што ветив во својата изборна програма, поднесовме апликација за престижното признание „Европска зелена престолнина“ во 2021 година, која Европската комисија и официјално ја прифати. Самото прифаќање на нашата кандидатура од Европската комисија е сериозен показател дека Скопје е на добар пат да ги надмине проблемите во кои живееме“, рече Шилегов.

Тој додаде дека Македонија е соочена со децениски проблем на загадување на воздухот, особено во зимскиот период и почетокот на грејната сезона.

„Најголемите градови во Македонија влегуваат во групата на најзагадени градови во Европа. Граѓаните во тој период се изложени на воздух со рекордни количества ПМ10 честички. Децениската апсолутна негрижа кон животната средина донесе енормно загаден воздух, масовна сеча на дрвја, уништување на заштитените подрачја и општо недомаќинско однесување со природата“, нагласи Шилегов.

Во изминатиов период, додаде тој, Градот Скопје презеде низа мерки за намалување на загаденоста на воздухот.

Воспоставивме систем на засилен комунален надзор и надзор за заштита на животната средина од недозволените палења на отворени огнови што учествуваат со сериозен дел во процентот на загадувањето. Оваа есен ја продолжуваме акцијата за зазеленување на градот. Предвидено е да се засадат 3.500 висококвалитетни повеќегодишни листопадни садници. Овој пат во фокусот е обновување на постојните дрвореди и подигање нови на Бит-пазар и во Ѓорче Петров. Изминатиов период уредивме нови паркови и скверови. Постепено го исполнувам она што им го ветив на граѓаните пред една година дека во својот мандат ќе го вратам загубеното зеленило во градот“, рече Шилегов.

Додаде дека Градот Скопје заедно со Министерството за внатрешни работи во изминатиов период иницира измена на законот каде што при техничкиот преглед за регистрација на возила секое возило ќе добие еколошка налепница, за да може потоа административно да се исклучуваат возилата од сообраќај кои реално придонесуваат во загадувањето на воздухот.

Шилегов рече дека од 39. мерки за борба против загадувањето, во изминатава година биле остварени 17, 12 се започнати, а пет не се надлежност на Градот и пет се неостварени.

Треба да знаете
Последни објави