ЗНМ:Да не се исклучува јавноста од изборот на директор на Академијата за судии и обвинители

Здружението на новинарите на Македонија изрази загриженост што Академијата за судии и јавни обвинители нема да дозволи присуство на новинари на следната седницата на Управниот одбор, која треба да се одржи в среда, кога се очекува да се избере новиот директор на Академијата.

Одлуката на Академијата да ја исклучи јавноста од следната седница е во спротивност со членот 6 на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, кој предвидува нејзината дејност да се врши јавно, транспарентно и одговорно. Спречувањето на новинарите да ја следат расправата на членовите на Управниот одбор во врска со пријавените кандидати за директор на Академијата е обид да се работи зад грбот на јавноста и фрла сенка врз процесот на изборот на новиот директор, за кој се пријавиле квалитетни кандидати“, велат од Здружението на новинарите.

ЗНМ го повикува судско-медиумскиот совет да се интересира за случајот и да побара од судските органи кои имаат делегирани членови во Управниот одбор на Академијата објаснување зошто седницата е затворена за јавноста. Оттаму апелираат министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, да го повика членот на Управниот одбор на Академијата, предложена од Министерството за правда, Љубица Караманди-Попчевски, да побара расправата за изборот на новиот директор да биде отворена за јавноста.

Ја потсетуваме Владата и судската власт во Македонија дека најавените реформи во судството се осудени на неуспех ако уште во раните фази процесот биде нетранспарентен“, предупредува ЗНМ.

Здружението ги повика и Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ и Амбасадата на САД во Скопје да побараат од Академијата за судии и јавни обвинители да ги почитуваат законските обврски за транспарентно работење.

Треба да знаете
Последни објави