Перформансот „Кога зградите би зборувале“ пред Железничката зграда во Скопје

Перформансот „Кога зградите би зборувале“, реализиран од Здружението за култура и уметност „Факултет за работи што не се учат“, вчера се одржа во Железничката зграда во Скопје.

„Кога би можела да зборува Железничката зграда во Скопје, која се наоѓа на улицата Борка Талески, позади трговскиот центар Буњаковец, би можела да раскаже дека овде се снимале инсерти од познатиот македонски филм ‘Среќна нова 49.’ и дека дел од станарите биле статисти, дека овде живеел Перо станарот кој имал 49 мачки и кој завршил на Голи оток, зградата би можела да каже каде е ракијата што некој станар во минатото ја закопал среде дворот ограден од сите страни со станови и балкони, би можела да раскаже и каква миризба се ширела низ дворот кога во него на секој ќош имало липи, пред да бидат исечени од станар револтиран што куќниот совет не можел да реши што да прави со нив“, рекоа учесниците.

„Кога зградите би зборувале“ е истражувачки перформанс на Филип Јовановски, куриран од Ивана Васева, кој се фокусира на Железничката зграда во Скопје позната и како Железничка колонија, уникатен објект каков што нема сличен во Македонија. Изграден е во 1946 година, проектиран од архитектот Михаил Дворников и наменет за вработените во Државната дирекција за железници – Скопје.

Десетина генерации живееле во овие станови кои се со различна големина, помалите со површина од 48 метри квадратни, а поголемите од 120 метри квадратни. Нивните животи ја обележале зградата, нанеле свои траги по испуканите ѕидови и по оштетената фасада која е во поодмината фаза на распаѓање.

Железничката зграда преживеа промена на општественото и политичко уредување, го преживеа големиот земјотрес од 1963 и помали земјотреси што следеа потоа, преживеа поплави, други природни катастрофи и разни профили на станари, но не може да ја преживее и негрижата на заедницата, незаинтересирана да го реставрира ова културно наследство.

Токму тоа и се обиде да го долови перформансот од група уметници кои се одржа вчера попладне во Железничката зграда, а кој е дел од проектот „Активни простори на заедницата за граѓански промени“, што го реализира Факултетот за работи што не се учат.

Симулирајќи седница на куќниот совет на зградата, уметниците се обидоа да ги евоцираат спомените на станарите што се уште живеаат во оваа зградата, а кои се сеќаваат на подобри денови кога биле посложни и посолидарни.

Во перформансот учествуваа актерите Кристина Леловац, Јасмина Василева, Ивана Павлаковиќ, Долорес Поповиќ и Благој Веселинов. Факултетот за работи што не се учат, односно Филип Јовановски и Ивана Васева работат со станарите од 2015 година како би го анимирале јавниот напуштен простор во зградата.

Треба да знаете
Последни објави