Search

Макрон го осуди насилството во Париз, Ле Пен не сака да ја прават „жртвено јагне“

Францускиот претседател Емануел Макрон го осуди денешното насилство во Париз каде демонстрантите протестираа заради зголемување на даноците за гориво.

„Нека се срамат оние што нападнаа (полицијата) и оние кои беа насилни кон другите граѓани … Во Републиката нема место за такво насилство“, напиша вечерва Макрон на Твитер.

Најмалку 20 лица, меѓу кои и четворица полицајци, се повредени во Париз во судирите меѓу полицијата и демонстрантите. Полицијата соопшти дека десетици демонстранти биле уапсени оти фрлале предмети кон полициските службеници, објави АП.

Некои од демонстрантите ја пееја националната химна, додека други носеа транспаренти со повици Mакрон да поднесе оставка.

Марин Ле Пен, претседател на Партијата на националниот собир и лидер на екстремната десница, пак, вчера на Твитер го покрена прашањето “зошто Французите не можат да протестираат на Елисејските полиња, каде што обично се одржуваат многу други средби – по повод Нова Година,  прославување на победата во спортски натпревари …” .

Францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастан денеска ја обвини Ле Пен дека ги поттикнала протестите и оти е во коалиција со ултрадесничарските мрежи кои сакаат да ги нападнат институциите и директно се одговорни за барикадите во Елисејските полиња, каде што се наоѓа Претседателската палата.

Марин ле Пен брзо реагираше на неговата изјава, пишувајќи на Твитер дека „никогаш не повикала на било какво насилство”, а во исто време ја обвини владата дека е виновна за настанатите  тензии и дека од неа прави „жртвено јагне“.

Треба да знаете
Последни објави