Search

Заев и Анѓушев на средба со бизнис делегација од Германија

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев заедно со директорот на Дирекцијата на ТИР зоните Александар Младеновски и економскиот владин тим денеска остварија работна средба со претставници на германски компании од Бизнис асоцијација на Источна Германија, предводена од претседателот на асоцијацијата Михаел Хармс, амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Томас Норберт Герберих и претставник на Министерството за економија и енергетика на Сојузна Република Германија, Хелге Толксдорф.

Премиерот Заев,како што соопшти владината прес-служба, на германските стопанственици им ги пренесе позитивните пораки од историската средба на канцеларката Ангела Меркел на Република Македонија и потенцираше дека Сојузна Република Германија е најголем трговски и стратегиски партнер на Република Македонија со кој реализираме околу 47 отсто од вкупната трговска размена.

Во таа насока премиерот Заев додаде дека во Република Македонија работат голем број германски компании што веќе најавуваат нови инвестиции и проширување на бизнисите, а како позитивен момент за привлекување други нови инвестиции го наведе очекуваното членство на земјата како 30. земја членка во НАТО и започнатиот процес на преговори со ЕУ што ќе придонесе кон траен мир, стабилност на земјата и регионална сигурност.

-Сојузна Република Германија и вие како претставници на бизнис заедницата можете многу да и помогнете на Република Македонија за развој на економијата со вашето искуство, пренос на нови знаења и нови технологии. Заедничкиот мешовит управувачки комитет со Сојузна Република Германија чиј прв состанок ќе се одржи утре, очекувам да оствари големи резултати во насока на имплементација на стратегија за дуално образование која ќе даде позитивни ефекти за преквалификација на работоспособното население и негово апсорбирање на пазарот на трудот, соопшти премиерот Заев.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев порача дека германските компании се секогаш добредојдени во Република Македонија и изрази благодарност за иницијативата за формирање заеднички мешовит управувачки комитет.

-Република Македонија нуди многу можности за нови инвестиции, се надевам ќе ги разгледате овие можности. Новиот Закон за поддршка на инвестициите и конкурентоста на компаниите, преку еднакви и транспаренти критериуми овозможува поддршка и еднакви услови за инвестирање на домашните и странските компании. Во Република Македонија воспоставивме реална основа за поддршка на странските директни инвестици. Ве поканувам да инвестирате и да бидете дел од оваа инвестициска програма, порача вицепремиерот Анѓушев.

Претставниците на германските компании членки на Бизнис асоцијацијата од Источна Германија на работниот состанок со премиерот и владините претставници ги претставија своите компании и бизниси и своите гледишта за можни полиња на работа и соработка во Република Македонија

Треба да знаете
Последни објави