Search

„Репторс“ и „Портланд“ продолжуваат со победи

„Вашингтон Визардс“, „Торонто Репторс“, „Бруклин Нетс“ и „Портланд Трејлблејзерс“, изминатата ноќ забележаа победи во НБА лигата.

„Визардс“ со голем пресврт забележаа победа над „ЛА Клиперс“ 125:118. Домаќинот одигра катастрофално во првиот дел и во еден момент му дозволи на противникот предност од 22 поени (18:40). Сепак, работите дојдоа на свое во продолжението од натпреварот. Најефикасен кај „Визардс“ беше Џон Вол со 30 поени и осум асистенции, а Тобајас Херис се истакна кај „Клиперс“ со 29 поени.

„Портланд Трејлблејзерс“ славеа во кулнтиот „Медисон Сквер Гарден“ против „Њујорк Никс“ 118:114. Репрезентативецот на Босна и Херцеговина, Јусуф Нуркиќ, петти натпревар по ред бележи дабл-дабл за „Портланд“. Против „Никс“ тој имаше учинок од 13 поени и 11 скока.

Бековите, Си-Џеј Мекалум со 31 поен и Демијан Лилард со 29 поени го предводеа гостите до победата. Најефикасен кај „Никси“ со 32 поени беше Тим Хардавеј Џуниор.

Одличен меч на Флорида одиграа „Орландо Меџик“ и „Торонто Репторс“. Гостите од Канада славеа 91:89 и понатаму се најуспешниот тим во лигата. Решавачките поени ги постигна Дени Грин во последната секунда. Грин мечот го заврши со 13 поени, пет повеќе постигна Каваи Ленард. Најефикасен на мечот беше играчот на „Орландо“ Еван Фурние со 28 поени, а Црногорецот Никола Вучевиќ забележа 14 поени и 18 скока.

Победа на Флорида, но во Мајами забележаа „Бруклин Нетс“ 92:104. Играчите на „Бруклин“ во последниот период го решија прашањето околу победникот. Решавачката четвртина ја добија со 30:15. Дианџело Расел со 20 поени го предводеше „Бруклин“, додека поен повеќе за „Мајами“ постигна Хасан Вајтсајд.

Треба да знаете
Последни објави