Search

Голем гаф на обвинителството: Не и го слушнаа сведочењето, но сите ја видоа малолетната девојка на Саздо

Судењето за убиството на Никола Саздовски- Саздо почна со голем гаф на Јавното обвинителство, но и на Судечкиот совет, кои дозволија главниот очевидец на убиството, малолетничката В.Б. да биде прозивана со име и со презиме во судницата, пред медиумите и пред останатите присутни во судницата, меѓу кои и роднините на обвинетите Бесим Белја и Скендер Демири.

Да биде работатата уште посериозна, девојчето, кое мораше да се покрие со качулка од дуксерот да не ја гледаат, и нејзината мајка посочија дека добивала закани по телефон од непознати лица.
Дури и по паузата во која советот одлучуваше дали сведочењето да продолжи за јавноста, судијката побара од В.Б. да ја тргне капата и да се заврти кон судиите за да сведочи. Сепак, по интервенција на адвокатот на оштетените, Ванчо Шехтански дека станува збор за малолетник, јавноста беше исклучена од следење на сведочењето.

Иако новинарите не го слушнаа исказот на малолетничката, според Шехтански, одбраната е задоволна од нејзиното сведочење.
„ Констатацијата во однос на шпекулациите што се јавија дека повредата е настаната при пад од удар, се демантира во исказот, децидно и јасно. Со оглед на тоа што настанот траел повеќе од минута во континуитет, Саздовски примил повеќе удари кои што довеле до кривичното дело кое се става на товар, рече Шехтански.

А токму повредата на главата е моментот на кој се темели одбраната на обвинетите.
И двајцата обвинети го разбираат обвинението, но не се чуствуваат виновни за делото за кое се товарат.

За Асмир Алиспајиќ, Саздовски починал од удар со задниот дел на главата во метална кутија на ЕВН до бетонскиот столб на автобуската станица каде се случило убиството, а тоа било наведено како причина за смртта и во обдукциониот наод.

„Одбраната ќе оди кон тоа да се оспори квалификацијата на делото бидејќи не може да станува збор за свирепо убиство. Имено, ОЈО, па и судот кога опеделувал притвор работел според наредби за истрага за крвично дело насилство. Дури откако, за жал почина Саздовски, ОЈО прави преквалификација на делото и тоа врз основа на истите докази кои биле користени во истрагата кога делото се водело како насилство. Ќе бараме реконструкција оти нема направено фото-албум, рече Алиспаиќ.“
И неговиот колега, адвокат Насер Рауфи, бранител на Белја ги дели истите ставови.

Според обвинението, Белја, Демири и Јетон Љужа, које во бегство на 29 јуни 2018 година околу 17.45 часот на булевар Александар Македонски на автобуската станица пред фабриката „Алкалоид“, му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Откако тој им ја покажал личната карта, обвинетите го прашеле дали е тој Никола Саздовски викан Саздо, па откако потврдил неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со тупаници во главата и градите.

Од силните удари Саздовски загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што тројцата без милост, истовремено и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите. Од ударите Саздовски добил тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот и западнал во коматозна состојба. Тој бил пренесен во ургентниот центар при Клиничкиот центар Мајка Тереза. Истиот ден бил пренесен во Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – Скопје , Одделение за анестезија и реанимација, каде на 3 јули 2018 година била констатирана мозочна смрт. Како резултата на добиените повреди на 9 јули 2018 година Саздовски починал.

(И.Ш.)

Треба да знаете
Последни објави