Search

Десетта победа за „Вориорси“ и за „Репторси“, Вестбрук се повреди

Актуелниот шампион, „Голден Стејт“ ја постигна десеттата победа сезонава откако славеше дома со 117:101 против „Мемфис Гризлис“ и со еден пораз се најуспешен тим во лигата заедно со „Торонто Репторс“ кои имат ист скор. Една победа помалку зад лидерите сега има и „Денвер Нагетс“, кој ноќеска славеше против „Бостон Селтикс“ 115:107.

„Вориорси“ победата ја осигураа во третата четвртина која ја добија со 34:15, откако на полувреме резултатот беше 58:58. Најефикасен кај домаќините беше Клеј Томпсон со 27 поени, а кај „Мемфис“ Дилон Брукс со 18.

„Нагетс“ предводени од Џамал Мареј со 48 поени го добија дербито со „Бостон“, иако првата четвртина ја загубија со 34:19. Мареј додаде и пет скока и четири асистенции. Најдобриот играч на „Денвер“, Никола Јокиќ повторно беше блиску до трипл дабл со десет скока и по четири асистенции и коша. Кај „Бостон“ Кајри Ирвинг уфрли 31 поен со по пет скока и асистенции, но останатите кошаркари потфрлија.

„Оклахома Сити“ ја постигнаа и петата победа во низа, овој пат на домашен терен против „Њу Орлеанс Пеликанс“ со 122:116, но мечот го одбележа повредата на најдобриот играч на домаќините, Расел Вестбрук.Тој за 25 минути колку што беше на теренот постигна 17 поени, девет асистенции и седум скока. Во негово отсуство одговорноста ја презеде Пол Џорџ кој додаде 23 поени, шест скока и осум асистенции. Џулиус Рендл со 26 поени и Џру Холидеј со 22 коша и 14 асистенции беа најдобрите кај „Пеликанс“.

По двете тесни победи во изминативе три дена, „Индијана Пејсерс“ загубија на домашен терен од „Хјустон Рокетс“, кои излегоа од криза и почнаа да редат победи. Гостите славеа со 94:98, а најзаслужен за триумфот беше Џејмс Харден со 28 поени, шест асистенции и четири скока. Виктор Олапидо вообичаено беше најдобар кај „Пејсерс“ со 28 поени, шест скока и две асистенции.

„Торонто Репторс“ беа убедливи на гостувањето во Солт Лејк за триумф од 111:124 против „Јута Џез“. За гостите ова беше десетта победа сезонава. „Репториси“ пак доминираа со колективната игра, во која шестмина кошаркари уфрлија двоцифрен број поени, но најдобар беше Кaјл Лоури со 17 коша, 11 асистенции и седум скока.

На останатите натпревари „Детроит“ загуби дома од „Мајами“ со 115:120, „Орландо Меџик“ му го нанесе деветтиот пораз на „Кливленд“ 102:100, „Њујорк“ беше поразен дома од „Чикаго“ со 115:116 и „ЛА Клиперс“ славеше против „Минесота“ со 120:109.

Треба да знаете
Последни објави