Search

Заев: Не сакам ни да размислувам што ако не успее референдумот, верувам во нашиот народ

Заев: Не сакам ни да размислувам што ако не успее референдумот, верувам во нашиот народ

Премиерот Зоран Заев денеска ги повика граѓаните на Македонија да излезат на референдумот и да гласаат според своето убедување, а тој самиот се обврзува дека ќе го поддржи нивниот избор. Сега е време на храбри чекор за татковината, сега е време за патриотски одлуки, порача Заев.

„Собранието го утврди датумот на референдумот, денот кој ќе ја означи прествртницата во Македонија. Секој има шанса да донесе голема одлука, сега е време за одлука. Нашиот народ е народ кој знае да избере иднина. Секој е должен да ја преземе одговорноста за својата иднина и за иднината на својата земја“, рече Заев, порачувајќи им на граѓаните дека нивниот глас е нивно прав о и дека не треба да дозволат некој да им го одземе.

Тој јавно се обврза дека ќе го поддржи нивниот избор, но рече дека силно верува во одлуката на граѓаните.

„Македонскиот народ вечно ќе биде македонски народ и вечно ќе зборува македонски јазик.  Уверен сум дека со вашиот глас на референдумот нема да дозволите некој Македонија да ја држи во заложништво“, изјави Заев.

Говорејќи за изјавите од опозицијата дека ќе направеле подобар договор, премиерот кажа дека имаа 10 години за тоа, но „поважно им беше да си играат со стиропор и тајно преговараа додека Македонија ја држеа заробена во неуспех“.

„Нема да донесат подобар договор оние кои на Македонија ѝ донесоа од лошо полошо.  Со години бараа референдум а сега срамно го напуштија парламентот и бегаа од одговорност. Ова е време на клучни одлуки, а не време на бегство“, рече Заев.

Тој ги повика граѓаните да го направат вистинскиот чекор и наместо мрак, неизвесност и изолација да изберат светлина и иднина.

„Да го направиме овој референдум последен одговор на авторитаризмот. Уверен сум дека вашиот збор ќе биде порака за целиот свет дека Македонците заедно со своите сограѓани направија избор достоинствен за нивната признаена и препознаена историја во друштвото на народите. Ве повикувам да гласате со гордост да кажеме ‘да‘ за гарантираната стабилност, ‘да‘ за признаен и потврден македонски идентитет, јазик и култура“, изјави Заев.

На прашањето што доколку не биде исполнет цензусот и дали во тој случај резултатот ќе биде релевантен, премиерот одговори дека не сака ни да помислува што доколку не биде исполнет цензусот и апелираше до сите да ја сфатат сериозноста на одлучувачкиот процес. Напротив, тој, како што рече, е убеден дека референдумот ќе биде целосно успешен и од аспект на излезноста и од аспект на мнозинството кои ќе гласаат „за“.

Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, Заев, исто така кажа дека верува оти опозицијата нема даповика на бојкот и заради државата, но и заради нив самите.

„Во малата наша Македонија дури и тајно да дадат задача за бојкот ќе ја знеме сите. И затоа верувам дека ќе има цензус. Ако граѓаните заклучат дека прашањето им е тешко може да одлучат и да останат дома што не е дозволиво, но, тогаш ја пренесуваат одлуката на институциите. Не сакам да зборувам што ако, зашто тоа влијае и кај граѓаните. Нема ако, овојпат ќе си ја преземеме одговорноста и за себе и за семејството и за Македонија. Ќе излеземе и ќе гласаме, опција дали да излеземе или не, нема, треба да излеземе. Верувам до небото во нашиот народ дека ќе излезе и ќе ја каже одлуката која значи иднина за Македонија“, рече Заев, повторувајќи дека тој самиот непоправливо оптимистички верува дека „ќе успееме на референдумот, бидејќи нема алтернатива за Македонија“.

Треба да знаете
Последни објави