Search

Тридневна жалост во Косово поради смртта на Адем Демачи

Тридневна жалост во Косово поради смртта на Адем Демачи

Претседателот на Косово, Хашим Тачи прогласи тридневна жалост по повод смртта на познатиот активист за човекови и национални права на косовските Албанци, Адем Демачи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во знак на почит за ликот на истакнатиот деец, Адем Демачи, претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, врз основа на неговите уставни и законски надлежности, прогласи тридневна жалост во Косово, односно во петок, сабота и недела, се вели во соопштението на претседателскиот кабинет.

Во текот на овие три дена, државното знаме на Косово ќе се симне на пола копје во сите државни институции во и надвор од земјата.

Посмртните останки на Демачи, денеска од 09:00 до 20:00, и утре претпладне ќе бидат изложени во Собранието на Косово, каде што денеска во 11 часот ќе се одржи комеморативна седница.

Погребот, со највисоки државни почести, за чија организација е формиран Организационен одбор, ќе се изврши утре напладне во Гробиштата на великаните во Приштина.

Адем Демачи почина вчера на 82-годишна возраст. Во времето на комунистичка Југославија помина 28 години во затвор поради неговите политички убедувања и дејствување. Во 1991 година, откако беше пуштен од затвор, Европскииот Парламент му ја додели наградата за мир „Сахаров“.

Треба да знаете
Последни објави