Search

Пенс: Договорот со Грција е јасен,a Македонија се доближува до развиениот западен свет

Премиерот Зоран Заев синоќа имаше телефонски разговор со потпретседателот на САД, Мајк Пенс. Како што соопштија од Владата, американскиот потпретседател упатил честитки до премиерот Заев и до неговиот грчки колега Алексис Ципрас за покажаното лидерство со потпишување на договорот за решение на спорот меѓу двете земји.

„Според потпретседателот Пенс, договорот покажува јасен сигнал дека Република Македонија се доближува кон развиениот западен свет, што ќе биде јасно верификувано на самитот на НАТО во Брисел наредната недела. Поканата за влез во НАТО, како што рече Пенс е јасен сигнал дека позитивниот резултат од референдумот ќе значи конечно полноправно членство на Македонија во Северно-атлантската алијанса“, соопшти владината прес-служба.

Пенс исто така рекол дека САД изразуваат интерес да бидат вклучени и да ги поддржат прогресивните процеси кои следуваат во наредниот период во Македонија, посебно за спроведување на реформите, како и за целосна имплементација на договорот со Грција.

„Потпретседателот Пенс им посака на македонските институции успешни и динамички преговори за членство во Европската Унија, нагласувајќи дека пријателството помеѓу Македонија и САД се продлабочува и зајакнува. Премиерот Заев изрази благодарност за големата поддршка што ја има Република Македонија од САД во континуитет од времето на прогласувањето на независноста и во сите важни процеси за државата односно интеграција во НАТО и во ЕУ“, се вели во соопштението по телефонскиот разговор Заев-Пенс.

Треба да знаете
Последни објави