Search

Изгорените од реконструкцијата ангажирани во Владата за пониска плата

Новоименуваните национални координатори за култура и здравство ќе земаат плати пониски од министерските, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски, без да прецизира за кој износ станува збор.

Од Владата велат дека зголемувањето на бројот на именувани лица на овие функции е реална потреба, но оттаму не откриваат кои ќе бидат задолженијата на новоназначените кадри за кои впечатокот во јавноста е дека Владата бара начин да го удоми кадарот што остана без позиција по владината реконструкција.

– Се работи за функции што се носат со одлука на Владата, не се новосоздадени функции. Владата има можност да назначи национален координатор за разни сектори. Се издигнува координацијата на повисоко ниво, на пример, во културата. Национални координатори имала и претходната влада и сите претходни – изјави Бошњаковски и додаде дека платата на новите национални коориднатори ќе биде пониска од една министерска плата.

На вчерашната владина седница поранешниот заменик-министер за здравство, Гоце Чакароски, беше именуван за национален кооординатор за здравство, а на претходната седница Владата го именуваше ексминистерот за култура, Роберт Алаѓозовски, за национален координатор за развој на културата и интерресорска соработка.

Со последните две именувања бројот на владини национални координатори, заедно со нивните заменици, од седум порасна на девет.

Претходно, професорот Владимир Пивоваров беше назначен за национален координатор за гранично управување, а за негов заменик Бајрам Берат. Национален координатор за подготовка на Република Македонија за членство во НАТО е Стево Пендаровски, а национален координатор за имплементација на националната платформа за намалување ризици од несреќи и катастрофи е Павле Трајанов. Владата го има назначено и Борче Петревски за национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, а за заменици се именувани Џеладин Ајвази и Златко Апостолоски.

Треба да знаете
Последни објави