Search

Ова е дел од обвинението за собраниските насилства од 27 април

Ова е дел од обвинението за собраниските насилства од 27 април

Насилниците од 27 април во Собранието „зелено светло“ за да почнат со нападот добиле истиот ден во 14.30 часот. Еден од групата обвинети добил телефонски повик по што почнала мобилизацијата.

Ова е дел од обвинението за собраниските насилства против 30 лица кое денеска е доставено на оценка во Кривичниот суд. Десет лица делеле фантомки, а четворица организатори на движењето „За заедничка Македонија“ ја разгорувале нетрпеливоста на насобраниот народ.

„Во групата обвинети е и едно лице кое на 27 април преку телефонски повик во 14.30 било известено да ја започне акцијата, по што заедно со уште неколкумина други обвинети лица го мобилизирале членството од неколку здруженија од Скопје и други градови со цел да извршат насилен напад во Собранието на РМ, однапред знаејќи дека објектот на Собранието не е соодветно обезбеден и заштитен од полициските сили“, истакна Елизабега Недановска од ЈОРМ.

Но, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески не сакаше да одговори и покрај инсистирањето на новинарите кој бил нарачателот кој му се јавил на еден од обвинетите тој ден, ниту пак каква функција имал.

Преку телефонска комуникација било договорено и отворањето на собраниските врати. Еден од сега обвинетите пратеници од ВМРО ДПМНЕ исконтактирал со лице кое било надвор во толпата.

„По телефонската координација сега обвинетите петмина пратеници заедно со тројца обвинети службени лица од обезбедувањето во Собранието, отвориле две влезни врати со отстранување на металните заштитни греди и со тоа овозможиле влез на лицата со фантомки, но и на други лица внатре во објектот на законодавниот дом“, додаде Недановска.

Тројца од обвинетите, дел од структурите на МВР располагале со златна и сребрена команда, меѓу нив е и тогашниот министер за внатрешни Митко Чавков, иако знаеле дека им е загрозен животот на пратениците од новото мнозинство, новинарите и вработените не издале наредба за дополнителни специјални полициски сили.

Во прес центарот еден од обвинетите се насочил кон лидерот на СДСМ Зоран Заев, посегнал по пиштолот кој го носел со себе, но не испукал бидејќи Заев бил заштитен од обезбедувањето. Намерата на обвинетите како што рече Јовески, била да ја загрозат безбедноста на земјава.

„Обвинетите го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на РМ со акт на насилство и создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Опсежната истрага утврди и ве уверувам дека во судската постапка ќе се докаже дека обвинетите дејствувале со иста цел, извршувајќи поврзани усогласени дејствија на битието на кривичното дело“, порача Јовески.

Единствените двајца кои се обвинети за помагање на извршување на кривичното дело се припадници на МВР кои одзеле два хард диска со снимките од собраниските безбедносни камери со цел да ги прикријат трагите.

Со одлука на Врховниот суд пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски од Шутка заминаа во домашен притвор. Иста е одлуката и за Чавков и уште пет лица – началниците во МВР Митко Пешов и Душко Лазаров, припадниците на собраниското обезбедување Оливер Поповски и Горан Ѓошевски и разузнавачот Мунир Пепиќ.

Куќниот притвор со мерка еднаш неделно јавување на суд им е заменета на пратениците Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.

Треба да знаете
Последни објави