Search

Мијалков бара од судот да му го врати пасошот

Мијалков бара од судот да му го врати пасошот

Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на УБК, од Кривичниот суд побарал да му биде вратен пасошот, кој како мерка на претпазливост, пред неколку месеци, му беше одземен во случајот „Таргет“, за нелегалното масовно прислушување.

Оваа информација за „Фокус“ ја потврди адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски.

-Точно е дека поднесовме барање за враќање на пасошот поради приватни причини, ни изјави адвокатот Шврговски.

Одлуката дали пасошот ќе му биде вратен треба да ја донесе Кривичен совет.

Ова е втор обид на Мијалков да си го врати пасошот, бидејќи и претходно има поднесено исто барање.

Како што тогаш појасни неговиот адвокат Шврговски, тие во барањето се повикале на судската пракса, а во врска со случајот кога на Зоран Заев му беше вратен пасошот, кој му беше одземен како обвинет во случајот Пуч. Од СЈО тогаш дадоа негативно мислење, бидејќи според нив ниту една околност не била променета за да го добие пасошот назад.

Истрагата за предметот со кодно име „Тврдина“ беше отворена на ден 29.03.2016 година, а за предметот „Таргет“ на ден 17.11.2016 година. Поради нивната поврзаност, при подготовка на обвинението предметите се споени во еден единствен предмет.

Случајот се однесува на незаконското следење на комуникациите во период од 2008 до 2015 година. Обвинетите се  товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување при прислушувањето на најмалку 5.827 телефонски броеви или 20.017 нелегално прислушувани граѓани.

Следното судење за „Таргет и Тврдина“ е закажано за 27 март.

Треба да знаете
Последни објави