Search

Владимир Милчин: Опасно се движиме наназад

Владимир Милчин: Опасно се движиме наназад

По две и пол години пауза, режисерот Владимир Милчин направи претставата во Скопје. Во продукција на „ Артопиа“, Милчин по текстот на чешкиот автор Иван Вискочил, ја постави претставата „ Ужегнатост“. Низ приказната за формална истрага за работата на една Управа, претставата ја коментира нашата стварност и ја критикува претходната, но и сегашната власт. Иако текстот е напишан 1965 годија, тој на актуелен начин зборува за нашето опасно движиње наназад, вели режисерот.

Во фокусот се државните службеници. Претставени се како понизни и неуки, а на тој начин и податливи за режимот. Зошто го избравте овој текст, сега и овде?

„ Изгледа по кој знае кој пат мораме да констатираме дека светот не се движи нанапред, туку чекори назад. И тоа е страшно дека и во 21 век, ние дефакто живееме некоја 1938, 1948, 1968, мислам на окупацијата на Чехословачка од страна на војските на Варшавскиот пакт. Ако погледенете, секаде се оди наназад и последиците се катастрофални. И тоа просто го тера човека да каже, чекајте, ова што ние мислиме дека е прогрес, всушност е назадување. И ова не води во свет на варварство, на неколтура, на примитивизам и на насилство. Затоа.“

Со оваа претставата направивте коментар како владееше минатата власт, а дали имате забелешки за начинот на кој делува актуелната- новата власт?

„ Тие два лика нели, Првата и Втората, како што ги викаме во претставата, она што го говорат покажува дека всушност, речиси ништо не се променило. Ние сеуште во нашите животи , освен една редуцираност на пресијата и репресијата, ние не ја чувствуваме промената. Ние сме сеуште изложени на бомбардирање од некакви идеолошки флоскули, кои се една смеша од наследството на болшевизмот, на неолиберализмот и т.н. Значи идеологиите веќе не постојат, освен како извор на зборови кои треба да го успијат граѓанинот и да го натераат да…не само да трпи, туку да мисли дека подобро не може од тоа. Тоа е страшно.“

Оваа претстава е решена во жанрот гротеска. Имате направено повеќе претстави во овој жанр. Па дали навистина живееме во една гротескна стварност?

„ Тоа е сигурно дека живееме во гротескен свет, за жал. И тоа , онаа гротеска која е баш најмрачна, која е во најжесток судир, во најекстремна дистанца од комичното. Кога ќе се измешаат тие две работи, кога тие постојано се судираат . Без оглед дали се работи за сликарство, филм, литература, театар, мислам дека тоа е најтешкиот жанр или жанр- стил. Меѓутоа, само тој може да одговори на вакви ситуации, кога она што ни го говорат , е во таква спротивност со она што ни го прават.“

Извор: Телма

Треба да знаете
Последни објави