Search

„Шамари во Центар“; Обвинетите не го разбрале обвинението

„Шамари во Центар“; Обвинетите не го разбрале обвинението

Судењето за предметот на СЈО „Насилство во Центар“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица, ќе продолжи на 13 март.

Судијата Душан Јосифов го одложи судењето, по забелешката на Груевски и останатите обвинети дека во целост не го разбрале обвинението бидејќи не го добиле во пишана форма.

Судот го задолжи СЈО да им достави пречистен текст на обвинението по пошта за темелно да го разгледаат.

Судењето за „Насилство во Центар“ денеска почна одново бидејќи со новиот распоред, предметот му е доделен на судијата Душан Јосифов, кој го наследи од судијата Татјана Михајлова.

Денешното рочиште почна со утврдување на идентитетот на обвинетите и повторно читање на обвинението од страна на обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО. Фетаи кажа дека заради бизнис интереси со наводен мотив уривање на црквата Св. Константин и Елена, дел од обвинетите влегле во дворот на општина Центар и насилнички се однесувале кон оштетените, ги малтретирале, грубо ги навредувале и им ја загрозиле сигурноста. Поради тоа била онезвозможена работата на советниците, а за да се спречат поголеми инциденти, седницата била прекината и презакажана за 10.6.2013 година, кога повторно пред седиштето на општината се собрале неколку стотици луѓе. Дел од обвинетите тогаш насилно ја искршиле оградата од дворот и почнале да фрлаат со разни предмети кон бараката, при што биле искршени сите прозорци. Насилствата продолжиле се до доаѓањето странски амбасадори и претставници на ОБСЕ во општина Центар.

На претходните рочишта за овој предмет, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

 

Треба да знаете
Последни објави