Search

Владата вработува 69 директори и 25 заменици – имаат рок 3 дена за да се пријават

 

Владата објави јавни огласи за именување 69 директори и заменик-директори на институциите. На постојните вршители на должност им истекува мандатот. Со огласот се бараат директори и заменици на Управата за извршување санкции, Бирото за судски вештачења, Управата за водење на матичните книги, Бирото за застапување пред Европскиот суд за човекови права, Царинската управа, Бирото за јавни набавки, Управата за финансиско разузнавање, Управата на финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат…

Од Владата за „Макфакс“ велат дека огласот за директори и заменици е итен (само 3 работни дена) бидејќи на повеќето в.д. директори им истекува мандатот. „Со цел да нема застој во работењето на институциите се појави ургенцијата за назначување“, велат од Владата. „Макфакс“ веќе објави дека вработените во Државниот комунален инспекторат 3 месеци немаат земено плата бидејќи немаше назначено вршител на должност.

На прашањето дали в.д. директорите, на кои им истекува мандатот, ќе имаат доволно време да ги соберат потребните документи за да аплицираат на огласите, од Владата велат: „Станува збор за високи позиции и очекуваме дека сите кандидати што ќе аплицираат ќе бидат свесни дека критериумите мора да бидат во целост исполнети“. Лицата што сакаат да бидат директори треба, меѓу другото, да поседуваат меѓународно признати сертификати за познавање англиски јазик не постар од пет години или сертификатот АПТИС и да имаат положено психолошки тест и тест за интегритет. Од Владата велат дека сè е во рамките на законските прописи и не постои никаква интенција во кратките рокови за објавување на огласите.

Некои од директорите на институциите на кои им се јави „Макфакс“ велат дека рокот за кој треба да поднесат документи за да конкурираат за позициите е премногу краток. Напоменуваат дека поради евентуално отсуство или поради службени патувања може да го пропуштат огласот и да аплицираат.

Треба да знаете
Последни објави