Search

Ретка компликација од анестезија најверојатно причина за смртта на 15-годишното момче

По повеќе од еден час напор, лекарите не успеале да спасат 15- годишно момче кое го оперирале на коленото.

Велат дека настанала компликација со анестезијата иако ги запазиле сите протоколи. На хируршките клиники до сега немало ваков случај кога организмот реагира агресивно на анестетикот.
Малигна хипертермија- ова најверојатно е причината за смртта на 15- годишното момче. Починало за време на операција на Клиниката за трауматологија, кога му бил даден инхалациски анестетик. Лекарите повеќе од еден час се обидувале да го спасат, уверуваат дека ги запазиле сите протоколи. Објаснуваат дека станува збор за состојба која се јавува во многу ретки случаи, кај пациенти кои имаат генетско нарушување, а во комбинација со анестетик може да настапат компликации и смрт.

„Првиот час откако почнала оперативната интервенција почнале да се појавуваат проблеми со анестезијата, односно се појавува класична клиничка слика на состојба која ние ја викаме малигна хипертермија. И покрај сите обиди за да се спаси животот на детето не успеавме да го направиме тоа бидејќи дошло до агресивна реакција на организмот на тие анестетици поради што сметаме дека е таа состојба“, изајви д-р Илир Хасани, директор на ТОАРИУЦ.
На хируршките клиники досега немале регистрирано ваков случај, иако годишно се извршуваат илјадници операции. Сепак, обдукцијата треба да ја покаже точната причина за смртта на момчето.

„Ваква состојба, регистрирана малигна хипертермија во Македонија нема дури и во поширокиот регион. Она што се случуваше и зошто ние сметаме дека може би се работи за такво нешто е според клиничките знаци кои што се евидентни како по книга. Има некои параметри што можат да се откријат, тие ќе ги почекаме бидејќи подолго траат, значи ќе ги почекаме лабораториските наоди и ќе видиме на крај дали се вклопуваат во целокупната клиничка слика“, вели д-р Маја Мојсова, анестезиолог.
15- годишното момче на Клиниката за трауматологија било донесено како итен случај. Имало повреда на колената од пад на час по физичко воспитување.

Треба да знаете
Последни објави