Search

Заев за грчки медиуми: Решение за името во првата половина од 2018-та

Заев за грчки медиуми: Решение за името во првата половина од 2018-та

Премиерот Зоран Заев во интервју за грчката телевизија Алфа изразува уверување дека разликите околу името може да се решат во првите шест месеци од оваа година. Во најавата на грчката телевизија за интервјуто што треба да се емитува во недела, Заев вели дека во интерес на двете земји е да најдат решение. Тој, според телевизијата, исто така објаснува зошто не се согласува со ставот на некои претходни премиери дека “скопјаните се единствени наследници на Александар Велики.”

И грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за утрешното издание на тамошниот весник „Неа Селида“ ги истакнува своите очекувања за евентуално решавање на проблемот со Македонија.

„2018-та е важна за Грција не само затоа што по цели осум години конечно излегува од финансиските обврски за штедење, туку и затоа што истовремено се отвора еден важен прозорец со шанса за решавање на спорот со името“, вели Ципрас.

Дека контактите меѓу двете земји се интензивираат покажува и посетата на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на Атина, која ќе се одржи во вторник. Но, од владата велат дека сé уште нема конкретни предлози за прашањето за името.

„Сé додека немаме нешто конкретно и специфично, нема да лицитираме со потенцијални имиња. Значи, не се разговара во моментов за потенцијално име или нешто слично…“,, рече Миле Бошњаковски – Портпарол на Влада на РМ.

Во меѓувреме, Европската комисија ги поздрави активностите на македонската Влада за ставање крај на 25 годишниот проблем и се надеваат на конкретни резултати.

Дека во претстојнава година има шанси конечно да се решат разликите околу името смета и американскиот заменик-помошник државен секретар задолжен за европски и евроазиски прашања Хојт Брајан Ји. Тој во интервју за телевизија Н1 вели дека за првпат по долго време има политичка волја и во Скопје и во Атина и оти Македонија има шанса да ја оствари целта.

Треба да знаете
Последни објави