Search

Вељаноски: Двајцата приведени собраниски службеници не се виновни

Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник, Трајко Вељаноски реагира на денешното приведување на лицата осомничени за настаните од 27-ми април, меѓу кои имало и двајца административни службеници вработени во собранието.

 

Во писмено обраќање до јавноста, тој вели дека овие две лица не направиле никаков криминал за време на насилствата.

„Единствениот грев на двајцата млади професионалци е што тие како одговорни личности со долг собраниски стаж, за време на настаните од 27 април, биле на своите работни места во македонскиот парламент. Ниту влегувале некаде. Ниту го напуштиле своето место. Ниту направиле нешто трето спротивно на законот. Напротив! Останале, заедно со сите други вработени, трпејќи ги, крајно незаслужено сите негативности и трауми кој ни ги донесе тој тажен ден за нашата татковина, вели Вељаноски.

Вељаноски ги повика институциите да реагираат соодветно и да ја исправат грешката, бидејќи според него лошата правда е најголема неправда.

„Приведувањето на двајцата недолжни личности во пет наутро, пред очите на нивните малолетни дечиња, од страна на вооружени униформирани лица ниту е продолжување на политиката со други средства, бидејќи двајцата млади луѓе не се тоа; ниту, пак, е спроведување на некаква правда, бидејќи нивниот единствен грев е тоа што и тој ден, како и повеќе години пред тоа работеле во собраниските служби“, додава Вељаноски.

Треба да знаете
Последни објави