Search

Уапсен Митко Чавков поранешен министер за внатрешни работи

Митко Чавков, поранешниот висок полициски функционер, кој имаше клучна улога во недејствувањето на полицијата при упадот во Собранието на Крвавиот четврток конечно е приведен по барање на Јавен обвинител.

Според првичните информации утринава Чавков е преземен од страна на полицијата која ќе го одведе во Кривичниот суд кај судија на претходна постапка за конечно да биде соочен за настаните околу Крвавиот четврток кога група на гневни демонстранти како и маскирани напаѓачи упаднаа во Собранието, притоа удираа и тепаа пратеници, новинари и полицајци. 

Речиси два часа немаше никаква интервенција на полицијата која немо гледаше како демонстрантите влегуваат во собраниските простории. Дел од специјалната полиција која беше ангажирана на 27 април стори мал обид да ја контролира толпата но, без поголем успех, а никаде го немаше и собраниското обезбедување. 

Потоа дури дојде до интервенција на група полициски специјалци кои му беа лојални на тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу кој тврдеше дека два часа Чавков како директор на Бирото за јавна безбедност и шеф на оперативниот штаб на МВР за следење на протестите пред Собранието и целата ситуација два часа не му кревал на телефон. 

Претходно добар дел од истрага заврши и МВР со тоа што на 11 припадници на УБК за кои постојат сомнежи дека се директно вклучени во настаните од Крвавиот четврток им подели откази, а за уште стотина се води постапка со тоа што дел од нив веќе се суспендирани. На тој начин речиси целата полициска структура со командни задачи која беше во врска со Митко Чавков е ставена во обрач за да се добијат точни податоци како беше дозволено да дојде до толку сериозни нарушувања на безбедноста на 27 април.

Треба да знаете
Последни објави