Search

Познат идентитетот на убиените разбојници во менувачницата – сопственикот стрелал во самоодбрана

Обвинителството нема нови сознанија за двојното убиство што се случи вчера во менувачница во Кисела Вода.

Се прегледуваат снимките кои треба да помогнат во утврдување на она што се случувало. Од обвинителството информираа дека се работи на вештачење на трагите кои се земени како докази од менувачницата. Се чекаат и резултатите од обдукцијата на телата на разбојниците. Според извори од истрагата двајцата влегле во менувачницата Македонија и побарале да променат пари по што го нападнале 58 годишниот сопственик. Го удирале по глава со оружјето со кое му се заканиле. Во обидот да се одбрани тој успеал да го земе пиштолот кој според истите извори, го поседувал легално и стрелал кон разбојниците. Тие биле маскирани, а и двајцата носеле пиштоли. Неофицијално утврден е идентитетот на двете лица. Едниот од напаѓачите бил познат на полицијата, а се работи за 30 годишен маж од скопско Бардовци. Бил осудуван а според неофицијални информации полицијата трагала по него затоа што пред неколку месеци побегнал од затвор.

– Полицијата неколку часа го обезбедуваше местото каде се вршеше увид. По вчерашното двојно убиство менувачницата денеска не работи.

Сопственикот на менувачницата поради тешки телесни повреди кои му биле нанесени при нападот неколку часа поминал во градската болница, по што бил исказ дал во полициска станица. Инаку, ова не е прв пат во неговата менувачница да влезат разбојници. Според полицискиот архив, во 2004та тој завршил со прострелна рана во ногата а разбојниците успеале да избегаат со парите. Сопственикот на менувачницата завршил со инвалидитет од тогашниот вооружен напад. 58 годишниот скопјанец со овој бизнис се занимава веќе 20 години на истата локација спроти местото викано Чешма.

Треба да знаете
Последни објави