Search

Кирацовски: Расправа за имунитетот ќе има штом ќе побара судот од Собранието

Веднаш штом ќе добие известување, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја закаже седницата на која ќе присуствуваме, вели Кирацовски.

Александар Кирацовски, пратеник и член на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања вели дека во Собранието сè уште нема стасано допис од судот до претседателот на Собранието Талат Џафери за потребата да се расправа на собраниското тело за одземање на имунитетот на осомничените пратеници кои беа утрово приведени поради учество во крвавите настани на 27 април во законодавниот дом.

– Веднаш штом ќе добие известување претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја закаже седницата на која ќе присуствуваме. Таа седница мора да се одржи без оглед на делото за кое се осомничени пратениците, настрана што сите обвинети не се осомничени за исто дело  – објаснува Кирацовски на нашето прашање дали осомничениот пратеник автоматски го губи имунитетот кога е обвинет за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, дело за кое е предвидена казна од најмалку десет години затвор, според член 313 од Кривичниот законик. 

Според членот 64 од Уставот на Република Македонија пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Основното јавно обвинителство за бруталното насилство во Собранието гони 36 лица меѓу кои пратениците Жаклина Пешевска, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов… Утрово полицијата го приведе и поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и повеќе други лица. 

Деловникот предвидува, надлежниот орган да го поднесе известувањето дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, до претседателот на Собранието.

Според Деловникот надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и во случај кога тој не се повикал на имунитетот.

Претседателот на Собранието, барањето за одобрување притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Претседател на оваа комисија во овој состав на Парламентот е пратеникот од СДСМ, Павле Богоевски, негов заменик е партискиот колега, Петар Атанасов, а членови Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски. Заменици членови се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини – Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски.

Комисијата, според Деловникот, е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да го достави извештајот до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.

Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето.

По известувањето за притворање пратеник, кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.

 

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави