Search

Груевски до Мета: Притворот на Едмонд Темелко е доказ за политички притисок и нечовечки третман

Македонско- албанските односи, актуелната политичка состојба и стратешките приоритети на Република Македонија биле главни теми на средбата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со претседателот на Албанија, Илир мета, на која присуствуваа и генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски и членот на Извршниот комитет, Александар Николоски.

На средбата, како што соопштија од партијата, биле реафирмирани заложбите за отворена економска и политичка соработка меѓу двете држави базирана на принципиелна основа.

Груевски кажал дека во поглед на остварувањето на приоритетот за влез во НАТО значајна е поддршката на сите земји членки на алијансата, вклучително и на Албанија, а додал дека постојат заеднички предизвици за напредок на патот кон ЕУ, во чие надополнување соработката е добредојдена.

„Груевски, запознавајќи го својот соговорник за актуелните случувања во државата го отвори и случајот со притворот на Едмонд Темелко кој е единствениот Македонец по потекло градоначалник во Република Албанија. Тој истакна дека одлуката за притвор е резултат на политички притисок и не е заснована на правни принципи. Воедно Груевски изрази загриженост за неговата здравствена состојба која е влошена, и која е доказ за нечовечко однесување и постапување спрема човекот кој е борец за човекови права и градоначалник во општина во Албанија“, се вели во партиското соопштение.

Според него, од соседните држави треба да се очекува политика на заемно почитување и придонес за зајакнување и исполнување на приоритетите. Таквата политика, како што кажал, ќе доведе до релаксирање на атмосферата и градење на доверба која е потребна за економски и политички напредок на регионот. „Занимавањето и потенцирањето на етноцентристички теми и идеи не придонесуваат за развој на добра атмосфера и меѓусебна доверба“, додал Груевски.

Треба да знаете
Последни објави