Search

,,Живот во кутија“ на Кежаровски

Промоцијата на првата книга на новинарот , Томислав Кежаровски, ,,Живот во кутија“, предизвика емоции и солзи не само кај авторот, туку и кај повеќе присутни во преполната сала на ФОН во Скопје.

Книгата е посветена на затворските денови на новинарот, сите предизвици и искушенија, како и неправдата која беше направена врз него со политички монтираниот случај за наводното откривање на заштитен сведок во текст објавен пред повеќе години.

,,Оваа книга зборува за сето тоа што го преживеав во неколку квадратни метри во притворното одделение во затворот во Шутка, заедно со уште неколкумина притвореници, некои од нив навистина го прекршиле законот, некои не. Бевме од различна возраст, етничка припадност, со различни животни судбини,но сите ние успевавме да опстанеме во таа кутија. Ако ние успеавме, тогаш нема зошто да не успеат два милиона луѓе во оваа земја, во која има место за сите“-рече авторот на книгата.

Воздишки,солзи и емоции и кај него и кај дел од присутните, предизвика актерското читање на писмото до Томче од неговата ќерка Стефанија, кое , како што подоцна рече тој, со ноќи го читал и плачел, криејќи ја главата под перница, за да не го видат другите и да не ги вознемири.

Автобиографската кникг на Кежаровски ја промовираа Нано Ружин и Маја Стевановиќ, професори на ФОН, а свој значаен придонес и во подготовката и во промовирањето даде и новинарот и долгогодишен пријател на Томислав, Синиша Станковиќ.

Книгата е отпечатена благодарение на печатницата ,,Софија “ од Богданци и тоа во 2.000 примероци.

На промоцијата присуствуваше и премиерот Заев, повеќе министри во Владата, народниот правобранител Иџет Мемети, градоначалникот на Центар, пратеници и многубројни пријатели и колеги на Кежаровски.

Треба да знаете
Последни објави