Search

Заев: Сакаме и очекуваме Македонија да биде 30-та членка на НАТО

Премиерот Зоран Заев е во посета на Република Словенија, каде оствари билатерална средба со словенечкиот премиер Миро Церар.

– Односите меѓу Република Македонија и Република Словенија се пример за пријателство. Нашето пријателство и срдечните односи се изградени на солидните темели на взаемното длабоко познавање и на меѓусебна почит меѓу нашите народи, како и на заедничкото препознавање на вредностите што не поврзуваат. Добрите пријатели, добро се познаваат, и ги познаваат потребите и капацитетите на другиот. Досега постигнавме многу, во многу области, и посебно во делот на  економските и трговските релации. Минатата, 2016 година трговската размена беше 205 милиони евра, а до август 2017 имаме 144 милиони. Можеме и повеќе – рече Заев во својот говор.

Заев смета дека преземањето на претседавањето на Процесот за соработка во Југоисточна Европа од страна на Република Словенија, ќе отвори нови врати и можности.

– Уверени сме и имаме големи очекувања дека Словенија ќе биде меѓу најгласните и најсилните поддржувачи на веќе зајакнатата меѓународна поддршка за Република Македонија за остварување на нашите ЕУ и НАТО аспирации. Сакаме и очекуваме Македонија да биде 30-та членка на НАТО – рече Заев, додавајќи „искрено се надеваме и очекуваме дека за време на бугарското и австриското претседавање со ЕУ наредната година, фокусот ќе биде на регионот и посебно на Република Македонија. Ние работиме на реформите за да ги постигнеме стандардите на ЕУ и очекуваме да ги започнеме преговорите за членство во 2018 година“.

Заев се заблагодари и за поддршката на Република Словенија во надминување на предизвиците во текот на мигрантската криза.

-Словенија обезбеди донации во технички материјали, но пред сѐ ни испрати припадници на словенечката полиција, кои работеа рамо до рамо со колегите во Македонија. Заедно ја обезбедуваа јужната граница на Република Македонија. Досега се испратени 16 контингенти, преку 150 полицајци – рече Заев.

 

Треба да знаете
Последни објави