Search

„Јутјуб“ исклучи над 200 канали поради протестите во Хонгконг

Американската компанија „Гугл“ соопшти дека нејзиниот видео сервис „Јутуб“ блокирал 210 канали, кои наводно биле координирани во објава на снимки во врска со протестите во Хонгконг.

Овој потег следува неколку дена откако „Твитер“ и „Фејсбук“ наведоа дека откриле кампања на социјалните мрежи за која тврдат дека потекнува од Кина.

Тие, исто така, потврдија дека изгаснале неколку стотици профили чија содржина, како што се вели, имала за цел да ги поткопа про-демократските протести во Хонгконг.

„Ова откритие е во согласност со неодамнешните обвинувања и активности на Фејсбук и Твитер во однос на Кина“, напиша Шејн Хонтли, еден од шефовите на „Гугл“ задолжени за безбедност.

Сепак, тој не го откри потеклото на каналите, пренесува „Ројтерс“.

Портпарол на Стејт департментот изјавил дека САД се длабоко загрижени за напорите на Кина да манипулира со јавното мислење со ширење дезинформации за ситуацијата во Хонгконг.

Од друга страна, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Женг Шуанг, одби директно да ја коментира одлуката на „Јутјуб“, но рече дека најголемата желба на кинескиот народ е да се стави крај на хаосот и насилството во Хонгконг.

Во поранешната британска колонија која денеска е посебен кинески административен регион, веќе три месеци се одржуваат масовни анти-владини протести против премиерката Кери Лам, кои беа поттикнати од контроверзниот закон за екстрадиција на жители од Хонгконг на судење во Кина.

Лам призна дека владата направила грешка со овој закон, но протестите прераснаа во демонстрација на општо незадоволство од работата на властите.

Треба да знаете
Последни објави