Search

Јанкулоска спроведена во затворот „Идризово“

По пресудата на Врховниот суд, кој ја потврди затворската казна за Гордана Јанкулоска, надлежниот судија издал налог за спроведување во затворот Идризово, објави Канал 5.

Јанкулоска, во октомври 2018 е осудена на шест години затвор од страна на судот во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот Мерцедес. За истиот случај, Апелација, на помошникот во МВР, Ѓоко Поповски, кој со првостепената пресуда беше осуден на казна затвор од шест години и шест месеци, му ја намали на четири години, додека екс премиерот, Никола Груевски доби затворска казна во висина од две години.

Пред десет дена преку писмено соопштение Врховниот суд информира дека се донесени одлуки според кои се одбиени жалбите поднесени од страна на осудените Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски во предметот „Тенк“ и ја потврдиле правосилната пресуда за предметот донесена од страна на Апелацискиот суд.

-Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 17 септември 2020 година, одлучи по предметите заведени под КВПКОК2КВПбр.6/19 и КВПКОК2КВПбр.7/19, кои се оформени по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска. Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје, објави Врховниот суд.

Поранешната министерка по пресудата објави статус на „Фејсбук“ со кој ги негира информациите дека таа избегала, откако полицијата ги претсресуваше возилата на соседите и гостите кои доаѓаа во зградата каде живее Јанкулоска.

„Нема потреба од спектакли, опсада на зградата во која живеам, вознемирување и претресување на соседите. Ако некој ме бара јас сум дома и на крај памет не ми паѓа некаде да бегам. Ништо не е поскапоцено од секој момент поминат со семејството“, напиша Јанкулоска.

 

Треба да знаете
Последни објави