Search

Ѓоковиќ по одлуката на судот: Разочаран сум

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ се огласи откако го изгуби спорот со австралиските власти.

Ѓоковиќ, кој наскоро ќе биде депортиран од Австралија, рече дека е многу разочаран од одлуката на судот, пренесуваат светските агенции.

„Би сакал да дадам кратка изјава за да ги сумираме настаните денеска пред судот. Ќе одвојам малку време да се одморам и да соберам енергија, пред да дадам дополнителен коментар за сето ова“, вели Ѓоковиќ.

„Крајно сум разочаран од одлуката на судот да ја отфрли мојата апликација за судско разгледување на одлуката на министерот да ми ја укине визата, што значи дека не можам да останам во Австралија и да учествувам на Австралија опен. Ја почитувам одлуката на судот и ќе соработувам, не сум среќен што фокусот во изминатите недели беше на мене, и се надевам дека сега сите ќе се концентрираме на играта и турнирот што го сакам“, изјави тој.

Им се заблагодари на сите кои го поддржаа во таквата борба изминатиот период.

„Би сакал да им посакам на играчите, официјалните лица на турнирот, персоналот, волонтерите и навивачите се најдобро на турнирот. На крајот, им благодарам на моето семејство, пријателите, тимот, навивачите, моите драги Срби за нивната континуирана поддршкa, тие беа голем извор на сила за мене“, заклучи најдобриот тенисер во светот.

Треба да знаете
Последни објави