Search

Шилегов меѓу учесниците на велосипедското дефиле низ Скопје

Стотици граѓани со своите велосипеди и електрични тротинети денеска учествуваа во велосипедско – пешачко дефиле по улиците на Скопје што традиционално се организира како дел од Европската недела на мобилност 2019.

Во дефилето што тргна од паркот „Ибни Пајко“ учествуваше и градоначалникот Шилегов.

Велосипедистите се движеа по улиците во центарот на градот се до целта во Градскиот парк, на Школка и испратија порака за придобивките од користењето алтернативни видови транспорт.

Ме радува фактот што традиционалното велосипедско дефиле секоја година има се повеќе учесници, поддршката расте, а скопјани се се почесто на велосипед. Во рамките на Европската недела на мобилност, во текот на вчерашниот ден целосно го затворивме за сообраќај центарот на градот, а денеска со оваа манифестација покажуваме како по главните сообраќајници може да се движиме на алтернативен начин“, порача скопскиот градоначалник и додаде дека со користење на алтернативен превоз се намалува сообраќајниот метеж, проблемот со просторот за паркирање и се грижиме за почист воздух и почиста животна средина.

Шилегов додаде дека Скопје е рамен град кој може да стане и пример за велосипедски грaд.

„Во изминативе две години ние сериозно вложуваме во развој на велосипедската инфраструктура со цел да го стимулираме ваквиот начин на транспорт и на граѓаните да им овозможиме што полесно да стигнат од една точка до друга“, рече градоначалникот на целта на дефилето во Градскиот парк.

Учесниците во денешното дефиле имаа можност да учествуваат и во лотарија и да добијат велосипеди.

Треба да знаете
Последни објави