Search

Шекеринска на средба со француската министерка за одбрана: Соработка со засилен интензитет

Во седиштето на НАТО во Брисел, министерката за одбрана Радмила Шекеринска имаше одвоена средба со својата француска колешка, Флоренс Парли.

На средбата со француската министерка, министерката Шекеринска информираше за усвојувањето на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието, како еден од последните чекори до полноправно членство. Шекеринска изрази задоволство што одбранбената соработка помеѓу двете земји  е со засилен интензитет, особено имајќи ги предвид подготовките за учество на припадници на Армијата во европската тренинг мисија во Централно Африканската Република, заедно со припадници на вооружените сили на Франција.

Изразувајќи убеденост во успехот на нашата земја, министерката Парли посочи дека покажаната храброст и начинот на водење политика на решавање на проблемите треба да биде пример за целиот регион.

Во контекст на почетокот на преговори за членство во Унијата, министерката Шекеринска побара поддршка од Франција, имајќи предвид дека веќе е претставена новата методологија за пристапни преговори, за која Северна Македонија даде поддршка.

„Ако пред нас има строги правила и критериуми, ние можеме да постигнеме и подобри резултати“, рече министерката Шекеринска на средбата.

Состаноците на Северноатлантскиот совет продолжуваат денеска со сесија посветена на растот на буџетите за одбраната на земјите – членки на Алијансата. Во текот на денот, министерката Шекеринска ќе учествува и на состанокот на земјите – контрибутори во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, ќе оствари дополнителни билатерални средби и ќе има и работен ручек со министрите за одбрана од регионот.

 

Треба да знаете
Последни објави