Search

Шекеринска: Историска победа на нашата генерација – Република Северна Македонија од денеска е полноправна, официјална 30-та земја – членка на НАТО, најмоќниот воено политички сојуз на денешнината

„Денеска, нашата генерација ја запиша својата прва историска победа. Денешниот датум – 27 март е датум кој ќе влезе во учебниците на нашата историја. Тоа ќе биде датум на првиот голем успех на нашата независна и суверена држава. Таму ќе пишува дека на 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана 30. членка на НАТО – Алијансата. Со денешниот финален чин на депонирање на Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот во Вашингтон, станавме полноправна, официјална, 30. земја – членка на најмоќниот воено политички сојуз на денешнината. Влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниов ден го чекавме речиси 30 години. Нека ни е честито!”, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска во обраќањето по повод формалното зачленување на Република Северна Македонија во НАТО.

Обраќањето на министерката ви го испраќаме во целост.

„Секоја генерација има своја битка. Нашите баби и дедовци се бореа за слобода. Нашите мајки и татковци, за независност. Нашата битка беше за држава членка на НАТО и на Европската Унија.

Денеска, нашата генерација ја запиша својата прва историска победа. Денешниот датум – 27 март е датум кој ќе влезе во учебниците на нашата историја. Тоа ќе биде датум на првиот голем успех на нашата независна и суверена држава. Таму ќе пишува дека на 27 март 2020 година, Република Северна Македонија станала 30. членка на НАТО – Алијансата. Со денешниот финален чин на депонирање на Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот во Вашингтон, станавме полноправна, официјална, 30. земја – членка на најмоќниот воено политички сојуз на денешнината.

Нека ни е честито. Денеска влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниов ден го чекавме речиси 30 години. Го чекавме, се надевавме, работевме и се жртвувавме. На моменти мислевме дека оваа цел ќе ни остане недостижна. Меѓутоа, покажавме дека кога сакаш, можеш и невозможното да го направиш достижно. Со посветена работа, со знаење, без скриени агенди и со одлучност да го направиш тоа што треба за својата земја и за својот народ.

Велеа не можеме да ги решиме проблемите со соседите. Ги решивме.

Велеа, невозможно е да го вратиш назад урнисаниот демократски капацитет на нашата земја. Го вративме.

Велеа дека светот не сака да нè види како дел од меѓународната заедница. Меѓутоа, станавме дел од 30-те кои се водечка одбранбена, стратегиска и политичка сила во светот.

Денеска сме членка на НАТО, денеска сме држава која веќе почнува преговори со Европската Унија.

Велеа, немаме Армија за НАТО. Ја направивме. Го вративме достоинството на Армијата, покажавме посветена грижа на државата кон припадниците на Армијата и тоа сега е НАТО – Армија.

Тоа е Армијата која сега им возвраќа и на државата и на сите свои граѓани во првите редови на фронтот против опасноста која му се заканува на целиот свет – корона вирусот. Тоа е Армијата која секогаш кога им е потребна на граѓаните ќе застане пред нив во заштита.

Затоа, дозволете ми да им честитам и особено да се заблагодарам токму на припадниците на Армијата кои што учествуваа во овој историски успех. Да се заблагодарам и на поранешните и на сегашните припадници , на сите оние чија жртва, чија пожртвуваност и работа е дел од овој успех. Со сето стекнато знаење, со многу часови работа, со постојани обуки, со учество во вежби и многу ризични операции покажаа како се сака татковината.

Членството во НАТО не го добивме како подарок, туку го сработивме и го заслуживме со многу тешки реформи, но и со видливи резултати. Армијата на Република Северна Македонија сега е НАТО – Армија. Заедно сме горди на нашиот успех. Беше чест и привилегија да се биде дел од тимот, дел од генерацијата која го отвори патот за следните генерации, патот на успех, патот на безбедност, патот на просперитет. Честитки до сите граѓани, честитки до Армијата, но честитки и до нашите сојузници и НАТО – Алијансата.

Овој предизвик е победен. Не можеме, за жал, да ја прославиме таа победа како што заслужува бидејќи сме во нова, сериозна битка со еден сосема различен непријател. Но, секој следен 27 март ќе го славиме денешниот ден, денот кога покажавме дека знаеме што сакаме, и дека го реализираме тоа што го сакаме. Од денеска вртиме нова страница и отвораме ново поглавје.

 Нека ни е среќно и исполнето со многу успеси.

Зборот е збор, а од денес, НИЕ СМЕ НАТО.”

Треба да знаете
Последни објави