Search

Црногорски пратеници го нарекоа Талат Џафери терорист што пукaл во македонски полицајци

Членови на црногорската партија, Демократски фронт во Собранието на Црна Гора го нарекоа Талат Џафери „терорист“, обвинувајќи го дека пукал во македонските полицајци на седницата на која црногорскиот парламент го прифати предлог-законот за ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Македонија. На седницата присуствуваше и претседателот на македонскиот парламент.

Во еден момент дојде до инцидент и конфликт меѓу пратеникот на ДФ Милан Кнежевиќ и Миодраг Вуковиќ од ДПС, пренесе Вијести.

Кнежевиќ почна да дофрла за време на излагањето на Вуковиќ, кога пратеникот од ДПС зборуваше дека „е факт дека денес од шесте поранешни југословенски републики четири се во НАТО, и тоа го поставува прашањето пред оние две што се одлучиле поинаку, без разлика дали нивниот избор е правилен“.

 

„Ние сме убедени дека вистинскиот избор е сите да бидеме во НАТО“, рече Вуковиќ.

Кнежевиќ го прекинуваше Вуковиќ додека овој зборуваше.

Претходно лидерот на Нова српска демократија Андрија Мандиќ рече дека ДФ нема да го поддржи протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.

Тој им приговараше на пратениците од ДПС, кои свечено го дочекаа претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.

„Тој е најпознат по носењето автомат и пукањето во македонски полицајци. Срам да Ви е“, порача Мандиќ.

И пратениците од ДФ Јован Вучуровиќ и Милун Зоговиќ му рекоа на Џафери дека бил член на терористичка организација.

Црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ во парламентот рече дека пратениците носат историска одлука, бидејќи Црна Гора првпат одобрува пристап на некоја друга држава во НАТО.

Тој рече и дека пристапувањето на Македонија во НАТО е добра вест за целиот регион.

 

Треба да знаете
Последни објави