Search

Црногорскиот Парламент без опозицијата ги усвои законите за медиуми и за РТЦГ

Црногорскиот Парламент вчеравечер, со гласови на пратениците на владеачката Демократска партија на социјалистите, ги усвои законите за медиуми и за националниот јавен радиодифузер Радио и телевизија на Црна Гора (РТЦГ).

Усвојувањето на двата закона беше поддржано од 41 пратеник на владеачката коалиција.

Опозицијата не присуствуваше на гласањето, оценувајќи дека е недозволиво законите за медиуми да се менуваат еден месец пред избори, пренесува РТЦГ.

Со Законот за медиуми е предвидено новинарот, на барање на државниот обвинител,  да мора да го открие изворот на информации кога тоа е потребно за да се заштити националната безбедност, територијалниот интегритет и здравјето на луѓето.

Со Законот за националниот јавен радиодифузер – РТЦГ, како што е објаснето, дополнително се зајакнува механизмот на политичко-институционална независност на јавната радиодифузија, во согласност со меѓународните стандарди.

Врз основа на амандаман на црногорската Влада, од предлог законот се исфрлени институтот Договор за обезбедување јавни услуги и за формирање Управен финансиски одбор на РТЦГ.

Предвидено е пратениците и советниците да не можат да се избираат за членови на Советот на РТЦГ три години по престанокот на функцијата.

Треба да знаете
Последни објави