Портпаролот на Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово, Валмир Елезит изјави денеска дека се очекува пребројувањето на гласачките ливчиња на лицата со посебни потреби и гласовите од дијаспората кои пристигнале по пошта да започне за неколку дена, но не прецизира кога.
– Што се однесува до прашањето кога ќе почне пребројувањето на условните гласови, гласовите на лицата со посебни потреби и гласовите на дијаспората, кои пристигнаа по пошта, тоа зависи од процедурата и динамиката на работа во Центарот за броење гласови и резултати, но се надевам во рок од неколку дена, рече Елезит.
Според него, ЦИК моментално нема податоци за тоа колку луѓе со посебни потреби го искористиле своето право на глас, односно колкав е бројот на тие условни гласови и дека податоците ќе бидат објавени по процедурата за прием на „осетливиот” изборен материјал од сите општини.
Инаку, како што пишува Коха, Косово го задржа трендот на неважечки изборни ливчиња, а Централната изборна комисија соопшти дека на вчерашните предвремени парламентарни избори се регистрирани преку 40.155.
ЦИК досега преброи 98,15 отсто од гласачките ливчиња, а бројот на неважечки може да се зголеми со пребројувањето на ливчињата од лицата со посебни потреби и гласовите добиени по пошта.