Search

Царовска: Стипендии за 287 деца со попреченост

Со обезбедувањето стипендии за 287 деца со попреченост кои се запишани оваа учебна година во прво и второ одделение, се поттикнува запишувањето на учениците со попреченост во редовното образование и се поддржува инклузивното образование за секое дете, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на денешното одбележување на почетокот на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“.

Проектот овозможува и туторска поддршка на овие деца, со што 30 тутори кои помина низ процес на обука ќе им даваат дополнителна поддршка на децата во совладување на наставната содржина.

„Инклузивното образование е процес со кој треба да излеземе во пресрет и да одговориме на различните потреби на учениците, преку обезбедување на пристапност, соодветна поддршка, зголемување на нивното учество во учењето, во училиштето и во заедницата. Сето тоа вклучува разумно прилагодување на образовните содржини, соодветни наставни приоди и организација на воспитно-образовниот процес, за да се овозможи квалитетно образование за секое дете. Тоа истовремено значи и промена на нашите ставови, промена на ставовите во заедницата, но и на општеството во целина, дека сите сме еднакви, но дека имаме различни потреби. Како Министерство имаме јасна визија за обезбедување на инклузивното образование за сите ученици, работиме сите заедно за да донесеме вистинските решенија и ниедно дете да не биде изоставено “, укажа Царовска.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека преку овие стипендии ја поттикнуваме инклузивноста на лицата со попреченост.

„На овој начин се бориме против дискриминацијата, ја промовираме еднаквоста и го подобруваме пристапот до образование”, посочи Гир.

Елена Мишиќ од Фондацијата Чекор по Чекор истакна дека стипендиите се наменети за ученици со попреченост кои се вклучени во редовниот образовен процес.

Треба да знаете
Последни објави