Search

Царина: На ГП Табановце откриен хероин во швајцарски автобус

Обид за криумчарење хероин и неколку обиди за криумчарење разна стока, откриле во текот на минатата недела царинските службеници, при што привремено се задржани автомобил со бункер, автоделови, девизи и фалсификати.

Мобилните царински тимови во соработка со МВР спречија обид за криумчарење на околу еден килограм хероин.

Како што информира Царината, минатата среда околу 13.30 часот, на ГП Табановце за излез од државата се пријавил швајцарски автобус кој сообраќал на релација Струга – Берн. При контрола на автобусот, кај последниот ред седишта, под седиштето до прозорот, била пронајдена кеса со две пресувани паковки со по околу 500 грама хероин. Хероинот бил предаден на МВР за понатамошна постапка.

Царината запленила и еден албански автомобил и 22 резервни делови за товарни возила, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, при контрола на автомобил “форд фокус“ со албански регистерски ознаки, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на ГП Ќафасан, во просторот наменет за резервно тркало бил откриен дополнително вграден резервоар за гориво, одвоен од постоечкиот резервоар, кој според изјавата на возачот имал капацитет од околу 20 литри.

Во вториот случај, во багажникот на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на ГП Табановце, биле пронајдени 22 резервни делови за товарни возила (гуртни и цилиндри за кочници).

Автомобилот со бункер и непријавените автоделови се привремено задржани а против возачите ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Мобилните царински тимови откриле и 1.780 евра при личен претрес на македонски државјанин кој со македонски автомобил, се пријавил за излез од државата на ГП Табановце. Во торбичка на возачот биле пронајдени 3.780 евра за кои не поседувал документ потекло. Согласно законските прописи на возачот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот девизен прекршок ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Цариниците откриле 4.920 пара спортски обувки со лого на заштитена трговска марка при контрола на македонски камион, натоварен со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде започната постапка за докажување на нивната оригиналност.

Треба да знаете
Последни објави