Search

ХЕРА: Привремените мерки на заштита од семејно насилство сè уште не ги заштитуваат жртвите

Со Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство се предвидени привремени мерки на заштита од семејно насилство, чија крајна цел се заштитата на жртвите и превенцијата од повторување на насилството од сторителот. Иако овие мерки се изрекуваат од надлежните институции, постојат многу недостатоци во нивното соодветно и навремено спроведување, поради што не се постигнува крајната цел, односно жртвите не се заштитени. Ова е еден од заклучоците што произлегоа од исклучително конструктивната дебата „Привремени мерки на заштита од семејно насилство: Добри практики и предизвици“ што Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА ја организира заедно со Град Скопје во рамки на тековната глобална кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“.

Забраната сторителот да се приближува на жртвата, забраната да поседува огнено или друго оружје или истото да му биде одземено, задолжителното лекување на сторителот доколку злоупотребува, алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување, отстранувањето од домот без оглед на сопственоста на сторителот и задолжителната обврска да посетува соодветно советувалиште се дел од привремените мерки кои овозможуваат да се обезбеди итна заштита на жртвата на семејно насилство и да се спречи повторување на насилството. Надлежноста да предлагаат привремени мерки им припаѓа на центрите за социјална работа, судовите ги изрекуваат, а полицијата, здравствените институции и специјализираните сервиси ги спроведуваат. Мерката се предложува и изрекува, но нејзиното спроведување е задоцнето или воопшто не се случува. За да се подобри системот на заштита на жртвите на семејно насилство, потребно е итно и соодветно спроведување на мерките на заштита“, велат од ХЕРА.

Од таму посочуваат дека потребна е јасна и непречена координација и соработка меѓу сите вклучени сектори во целиот процес од изрекувањето на мерката до нејзиното целосно спроведување, позачестено предлагање на различен сет од постоечките мерки кои се законски предвидени согласно проценката на ризикот и потребите на жртвите на семејно насилство, од страна на центрите за социјална работа, задолжителни и континуирани обуки на полицијата за сензибилизација во врска со семејното насилство, но и со родовобазираното насилство, начинот на прием на жртвата и постапувањето при семејно насилство, спроведувањето на мерките и итноста на постапките со цел навремена заштита на жртвите и отворање на советувалишта за третман на сторители на семејно насилство во целата држава.

Треба да знаете
Последни објави