Search

Хајдари и Емини дебитанти, Фазлагиќ повратник во изборот на Милевски

Селекторот на македонската фудбаска репрезентација до 21 година, Благоја Милевски за двата гостински квалификациските натпревари од ЕП-2021 во групата 6, против Шпанија (14. ноември) и Фарски Острови (19. ноември)повика двајца дебитанти Адријан Хајдари од Рапид и Сефер Емини од Македонија ЃП, а како повратник по саниратата повреда е Енис Фазлагиќ од Жилина.

–Од претходниот избор недостасуваат Марио Крстовски и Милош Тошевски, но тоа не значи дека за продолжението од квалификациите нема да сметаме на нив. Не радува тоа што се враќа Фазлагиќ и веќе има минутажа за својот клуб Жилина, а во тимот дебитанти се Емини од Македонија Ѓ.П. кој е стандарден во својот клуб и мислам дека ќе ја зголеми конкуренцијата во репрезентацијата и  Хајдари од Рапид кој веќе има настапи за македонската селекција до 17 и 18 години, како и еден натпревар за репрезентацијата на Австрија до 19 години. Двајцата дебитанти се родени 2000. година што значи дека имаат право за настап и за следниот квалификациски циклус. Всушност, седуммина во нашиот тим се од генерацијата 2000-та.

Што се однесува за дуелите со првиот состав во групата Шпанија на 14 ноември во Алкоркон и со последниот Фарските Острови во Торшаун на 19 ноември, Милевски вели:

– Не очекуваат исклучително тешки натпревари, Шпанија е фаворит во група и не треба да трошиме зборови за квалитетите на шпанската селекција. Ние максимално ќе се сконцентрираме на она како ние треба да изгледаме на терен и како треба да ги одиграме двата натпревари. Всушност, наша примарна работа и задача во селекцијата е да создаваме играчи кои ќе бидат конкурентни во европски рамки и способни да се спротивстават на секого без разлика со кои се соочуваат. Јас ќе бидам најсреќен ако и од оваа репрезентација создадеме профили на играчи кои во иднина ќе бидат подготвени за предизвиците кои ќе ги очекуваат во А репрезентацијата. Единствениот императив кој мораме да го имаме е како да се даде максимумот за време на подготовките и натпреварите. Ме радува тоа што од натпревар во натпревар созреваме како тим, како ментално, така и тактички, изјави селекторот Милевски.

Шпанија е лидер во групата со 9 бода, следуваат Казахстан и Македонија со по 7, Израел има 6, Црна Гора 3 и Фарски Острови без бодови.

Треба да знаете
Последни објави