Search

Харадинај: Имаме докази за инсценирањето хуманитарна криза во северно Косово

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека неговата Влада располага со информации за планот на Белград за инсценирање хуманитарна криза во општините во северно Косово кои се населени со мнозинство српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај по денешната седница на Владата им изјави на новинарите дека ќе ги преземе сите потребни дејствија за на жителите во тие области да не им недостасува која било животна намирница.

– Имаме сознанија за тој план, за импровизирањето хуманитарна криза, а имаме и докази за таквото сценарио. Нема да дозволиме да недостасува која било животна намирница, бидејќи тоа се косовски граѓани. Таквите проекти не ѝ припаѓаат веќе на оваа држава, порача Харадинај.

Тој нагласи дека институциите одговорни за редот и законот во државата ги имаат добиено своите задолженија и знаат како да се справат со нелегалната трговија и другите незаконски дејствија.

– Не смееме да го дозволиме шверцот. Нема да се повлекуваме пред пролемите, туку ќе го јакнеме владеењето на редот и законот и во северот на земјата, изјави Харадинај.

Приштинската новинска агенција КосоваПрес објави во петокот наводен план на властите во Србија за предизвикување хуманитарна катастрофа во областите во северно Косово населени со мнозинско српско население, со цел да се предизвикаат немири и дестабилизација на земјата.

Повикувајќи се на сопствени доверливи извори, агенцијата објави дека за реализација на планот минатата среда е одржан итен состанок во хотел во Северна Митровица, на кој учествувале новоизбраните градоначалници на четирите општини, неколку истакнати бизнисмени од тој регион, претставници на нелегални институции, како и висок функционер во Владата на Србија, при што, како што се наведува, „е изготвен планот за хуманитарна катастрофа во косовскиот север”.

Веднаш по информацијата на Косовапрес, се огласи и Харадинај со тврдење дека владините служби имаат информации за планот на Белград за празнење на складиштата и продавниците во северно Косово и дека во негова реализација се вклучени лица од криминалното подземје во тој дел, како и нелегалната организација „Цивилна заштита”.

Треба да знаете
Последни објави