Search

Филозофијата на Брус Ли се претвора во водич за самопомош во современиот живот

Во текот на последните неколку години има иницијатива да се издигне Брус Ли од икона за боречки вештини во филозоф. Тоа е веројатно претерување, иако Ли секако беше внимателен и многу начитан млад човек – тој поседуваше библиотека со околу 2.500 книги, вклучувајќи филозофски дела на Томас Аквинас, Дејвид Хјум и Рене Декарт.

Ли заврши курс по западна филозофија и курс по кинеска филозофија додека беше студент на Универзитетот во Вашингтон и ова му даде методологија да го примени критичкото размислување во боречките вештини, пишува весникот „Саут Чајна морнинг пост“.

„Биди вода, мој пријателу: Поуките на Брус Ли“ е книга што ја напиша неговата ќерка Шенон Ли, која е и претседател на фондацијата „Брус Ли“. Книгата содржи делови од рачно напишани текстови на Ли – главно афоризми и опсервации – и ги проширува во водич за самопомош за модерно живеење.

Еден од најдобрите делови во книгата на Шенон е кога таа детално ја опишува борбата што го навела Ли да сфати дека традиционалниот пристап не го припрема борачот да се справи со реалната ситуација. Ли и неговиот противник се согласија да не се придржуваат кон традиционалните правила, но тој не беше подготвен за начинот на кој се развиваше борбата, пишува Шенон.

Како што истакнува книгата, идеите на Ли потекнувале од традиционални извори. Таоизмот, кој го нагласува протокот – преточен во флуидност за вежбање боречки вештини – и Зен будизмот, кој во термините на боречки вештини се користи за да се нагласи реагирање во моментот, наместо да се следи однапред дефиниран план за борба, се клучни за неговите идеи, пишува весникот „Саут Чајна морнинг пост“.

Порадикален бил начинот на кој Ли го негирал конфучијанизмот, кој е пресуден за боречките вештини во јужен стил. Неговото отфрлање на традицијата, заедно со хиерархијата на овие вештини што тој ја одржувал, претставуваше напад врз конфучијанските идеи што го регулираа практикувањето боречки вештини неколку векови наназад.

Треба да знаете
Последни објави